Законските измени предвидуваат зголемување на процентот на амбасадори од редот на кариерните дипломати, продолжување на мандатот на упатените дипломати на четири години (наместо досегашните три), како и уредување на процедурата за именување амбасадори и улогата на Собранието во таа постапка
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски информира дека вчера во Собранието се донесени измените на Законот за надворешни работи со кои се воспоставува јасна законска рамка за реализација на професионализација на дипломатската служба и воспоставување на надлежностите на МНР во областа на надворешната трговија и инвестициите.

Законските измени предвидуваат зголемување на процентот на амбасадори од редот на кариерните дипломати, продолжување на мандатот на упатените дипломати на четири години (наместо досегашните три), како и уредување на процедурата за именување амбасадори и улогата на Собранието во таа постапка.
Дополнително, воведена е можност за назначување специјален државен претставник во странство, доколку постои посебен интерес за државата.
„Со измените се овозможува МНР системски да ги преземе обврските поврзани со креирање политики за надворешна трговија и инвестиции – сегмент кој досега не беше институционално прецизиран со ниту еден друг закон. Ова претставува важен чекор кон професионализација на дипломатијата, подобрување на условите за работа на македонските дипломати во странство, како и соодветно позиционирање на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во делот на надворешната трговија и инвестициите“,
информира министерот Муцунски.