Владата на Виктор Орбан го најави ваквиот потег во април годинава, оценувајќи оти МКС веќе не е непристрасен и суд на владеењето на правото, туку политички суд
Парламентот на Унгарија одобри закон со кој ќе започне едногодишниот процес за повлекување на земјата од Меѓународниот кривичен суд (МКС), за кој владата на премиерот Виктор Орбан смета дека станал политички.

Предлог-законот за повлекување на Унгарија од Судот беше усвоен вчера со 134 гласа „за“ и 37 „против“.
„Унгарија цврсто го отфрла користењето на меѓународните организации, особено кривичните судови, како инструменти на политичко влијание“,
се наведува во предлог-законот поднесен од вицепремиерот Жолт Семјон.
Владата на Виктор Орбан го најави ваквиот потег на 3 април годинава, кратко откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху беше во државна посета на Унгарија и покрај потерницата која по него ја има распишано Меѓународниот кривичен суд поради војната во Газа. Унгарија ја отфрли идејата за апсење на израелскиот премиер, нарекувајќи го „дрзок“ налогот за негово апсење.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја поздрави одлуката на Унгарија за напуштање на Судот нарекувајќи ја смела и принципиелна.
Повлекувањето на земјата од МКС стапува во сила една година откако генералниот секретар на Обединетите нации ќе добие писмено известување за одлуката.