„Се прашав дали е соодветно јас да останам на чело на министерството за земјоделство во критично време за цените на оризот и заклучив дека не е. Уште еднаш, им се извинувам на луѓето што дадов исклучително несоодветни коментари како министер кога се борат со зголемувањето на цените на оризот“, вели Ето

Јапонскиот министер за земјоделство Таку Ето поднесе оставка откако рече дека никогаш не купува ориз затоа што го добива бесплатно, забелешка што предизвика бес кај јавноста во земјата што се соочува со зголемени цени на храната.
Оставката на Таку Ето го зголеми притисокот врз премиерот Шигеру Ишиба, чиј неуспех да ги ограничи зголемените цени на оризот и да се справи со пошироката криза со трошоците за живот ги налути гласачите пред изборите за горниот дом во јули, пишува „Гардијан“.
„Ја поднесов мојата оставка до премиерот Ишиба“,
изјави Ето за новинарите во канцеларијата на премиерот.
Ето се соочи со повици за негова оставка откако тврдеше дека никогаш не морал да купува ориз, туку наместо тоа се потпирал на подароци од поддржувачи.
Ето првично сочувствуваше со тешкотиите што ги чувствуваа потрошувачите откако владата претходно ослободи околу 300 илјади тони ориз од резервите за итни случаи со надеж дека ќе ги намали цените.
Но, минатиот викенд Ето рече дека никогаш самиот не купил ориз затоа што неговите поддржувачи му донираат толку многу што, практично, како што рече, може да го продаде.
На местото на Ето назначен е Шинџиро Коизуми, поранешен министер за животна средина кој неуспешно се кандидираше против Ишиба за лидерство на Либерално-демократската партија (ЛДП) минатата есен.
Коментарот на Ето ги налути потрошувачите кои мора да платат речиси двојно повеќе за вреќа ориз во споредба со пред една година, според бројките објавени во април.
„Се прашав дали е соодветно јас да останам на чело на министерството за земјоделство во критично време за цените на оризот и заклучив дека не е. Уште еднаш, им се извинувам на луѓето што дадов исклучително несоодветни коментари како министер кога се борат со зголемувањето на цените на оризот“,
додава Ето, наведува новинската агенција Кјодо.
Кјодо цитира податоци од Министерството за земјоделство кои покажуваат дека вкупната количина на ориз обезбедена од главните дистрибутери во земјата до крајот на јануари била намалена за 230 илјади тони во однос на претходната година, и покрај зголемувањето на жетвата на ориз.