Според неа, доколку некој одлучил да оди спротивно на принципите на Владата, веќе не е добредојден во неа
Владата е сосема стабилна и продолжува да работи посветено за граѓаните. Владата е посветена на реформи и нема да учествува во заткулисните игри и политичките калкулации и пресметки, изјави вечерва во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа, портапролката на Владата, Марија Митева.

„Во минатото плафон беше 61 пратеник за да се одржи власт. Заткулисните игри некако во валути се броеја, така функционираа коалициите и во минатите влади. Некако успеаја макотрпно со такви некои калкулации политички да се задржат и тоа време заврши. Тоа јасно го кажавме и во предизборието и го покажавме на дело. Ние ќе го напуштиме тој принцип, ние ќе одиме на принцип на она што значи навистина програмска определба“,
рече Митева коментирајќи го заминувањето на министерот за здравство Арбен Таравари од владината коалиција.
Според неа, доколку некој одлучил да оди спротивно на принципите на Владата, веќе не е добредојден во неа.
„Вие сте се согласиле за тоа и сте биле добредојден партнер во Владата. Во моментот кога сте одлучиле дека ќе одите спротивно на овој принцип, тогаш вие не сте веќе добредојден. Владата е и повеќе од стабилна, тие го одбираат патот на неуспехот, не патот на напредокот и реформите“,
изјави Митева.
Таа посочи дека во Собранието веќе постои пратеничка група на ВЛЕН која има и координатор, а многумина од партијата Алијанса за Албанците не поднеле оставки.
„Во првиот момент кога најавувате оставка, доколку ве следат луѓето и веруваат во идејата, веќе следниот ден ќе ги имате првите чекори. Денови и денови поминаа, ние немаме чекори на луѓе коишто поднесуваат оставки. Да, има такви коишто тоа го прават, меѓутоа се малкумина“,
истакна владината портпаролка.
Собранието на денешната седница ги констатира оставките на министерот за здравство Арбен Таравари, како и на заменик-министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство Фљакрон Беџети и за одбрана Елфет Исмаили од редовите на Алијанса за Албанците.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува новите имиња во Владата да бидат познати до идната недела.