Санкциите против поединци и организации поврзани со режимот на поранешниот претседател Башар ал Асад и оние одговорни за насилната репресија врз сирискиот народ и кршењето на човековите права, ќе останат во сила
Шефовите на дипломатиите на Европската Унија попладнево одлучија да ги укинат економските санкции врз Сирија, објави високата дипломатка на ЕУ, Каја Калас, јави ДПА.

„Сакаме да му помогнеме на сирискиот народ да изгради нова, инклузивна и мирна Сирија. ЕУ отсекогаш стоела покрај Сиријците во текот на последните 14 години – и ќе продолжи да го прави тоа. ЕУ има за цел да игра водечка улога во закрепнувањето и идната реконструкција на Сирија“,
напиша Калас на социјалната мрежа Икс.
Санкциите против поединци и организации поврзани со режимот на поранешниот претседател Башар ал Асад и оние одговорни за насилната репресија врз сирискиот народ и кршењето на човековите права, ќе останат во сила.
Дополнително, ограничувањата за извоз на оружје, како и стоки и технологии што се користат за внатрешна репресија, засега ќе останат во сила.
Земјите членки на ЕУ уште во февруари се согласија за постепено олеснување на санкциите со цел да се поддржи брзото економско закрепнување во Сирија, како и нејзината реконструкција и стабилизација, пишува ДПА.
Мерките во енергетскиот, транспортниот и банкарскиот сектор првично беа суспендирани до јуни.
Минатата недела американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе нареди укинување на санкциите против Сирија.
„Ќе наредам укинување на санкциите врз Сирија за да им дадам шанса да успеат. Време е да блеснат. Ги укинуваме сите. Среќно, Сирија, покажи ни нешто многу посебно“,
рече Трамп на инвестициски форум во Ријад.