Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, пак, изнесе бројки на вработени Албанци во детските градинки во изминатиот период
Првпат, по 20 години, една влада имаше храброст да го отвори прашањето за „балансерот“ и да го реши со закон за правична застапеност. Ова денеска го изјави првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити одговарајќи на пратеничко прашање поставено од Рина Ајдари од „Европскиот фронт“, која рече дека не се спроитивставиле за „балансерот“ и оти сè уште не го донеле законот за правична застапеност поради што последните денови имало над 30 нови вработувања во државните установи без ниту еден Албанец.

Според Меџити, по првпат ќе има закон за правична застапеност во јавната администрација. Додаде и дека министрите од претходната власт укажувале дека на „балансерот“ му поминал рокот и за него дале негативно мислење, а Уставниот суд избран од претходната власт го укинал.
Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, пак, изнесе бројки на вработени Албанци во детските градинки во изминатиот период.
Посочи дека кога бил директор во „Електрани на Македонија“ имало над 700 вработувања на Албанци, со што од три отсто бројот на вработени во институцијата дошол до 9,5 отсто.
Изготвувањето нов закон за соодветна и правична застапеност беше најавено од претставници на ВЛЕН откако Уставниот суд во октомври минатата година ја укина алатката за вработување во јавните институции наречена „балансер“.