Ќоку упати и апел до другите пратеници Албанци, особено до колегите што го добиле мандатот под коалицијата ВЛЕН, да се приклучат кон пратеничката група

Координаторот на пратеничката група на ВЛЕН, Беким Ќоку, денеска на прес-конференција објави дека нивната група до денес брои девет члена и изрази уверување дека во наредните денови ќе им се приклучат и други пратеници, со цел да достигнат десет, па дури и 14 члена. Со десет члена, ВЛЕН би станала најголемата албанска пратеничка група во Собранието.
Во состав на пратеничката група ВЛЕН, рече Коќу, се Африм Гаши кој е и претседател на Собранието, Беким Сали, Имрлије Салиу-Фетаи, Аднан Азизи, Калтрина Беќири, Мерита Колчи-Коџаџику, Саранда Имери-Стафаи, Фериде Хаџиу и тој како координатор на групата.
Ќоку информираше дека веќе го известиле претседателот на Собранието за составот на групата и побарале реконфигурација да се одрази во соодветните работни тела во Собранието очекувајќи ова барање да биде исполнето наскоро.
Координаторот на ВЛЕН им се обрати и на 107-те илјади гласачи кои ја поддржале коалицијата нагласувајќи ја лојалноста на пратениците кон договорот склучен на 8 мај 2024 година и нивната доследност кон програмските определби и изборните ветувања.
„Ја користам оваа можност да им се обратам на оние 107 илјади гласачи што го дадоа својот глас за коалицијата ВЛЕН дека ние пратениците продолжуваме да остануваме лојални на договорот што го склучивме со нив на 8 мај 2024 година и дека сме доследни и непоколебливи кон програмските определби и изборните ветувања со кои не овластија да бидеме нивни претставници“,
рече тој.
Ќоку упати и апел до другите пратеници Албанци, особено на колегите кои го добиле мандатот под коалицијата ВЛЕН, да се приклучат кон пратеничката група.
„Упатуваме најискрен и срдечен апел до другите албански пратеници, особено на колегите што го добија мандатот под коалицијата ВЛЕН, да се приклучат на оваа група во овие клучни времиња на земјата за да го спроведат до крај мандатот за граѓаните што им дадоа доверба под слоганот ‘Промените вредат’“,
изјави Ќоку.
Тој рече дека нивниот глас „не вреди никаде на друго место повеќе отколку овде заедно со нас“, додавајќи дека пратеникот има автономија за донесување одлуки.
Ќоку нагласи дека десеттиот пратеник се очекува да се официјализира и да припаѓа на нивната пратеничка група по оставката на пратеникот Салим Сулејмани.
Тој информираше дека водат разговори со сите пратеници, особено со оние од крилото на Арбен Таравари од Алијансата за Албанците. Ќоку истакна дека имаат колегијален и пријателски однос со нив и дека ниту самите тие не се сигурни што се случува со нивната партија.
Ќоку нагласи и дека не очекува оваа промена во составот на пратеничката група и реорганизацијата на работните тела да влијае врз Бадентеровото мнозинство, бидејќи, како што рече, „пратеници од немaлцинството има кај сите парламентарни партии“.
„ВЛЕН продолжува уште посилно и пообединето, убеден дека албанскиот граѓанин мрази поделби и сака единство, а локалните избори на есен ќе бидат доказ дека бевме и сме во право и дека она што го направивме навистина вредеше“,
рече Ќоку.
Алијанса за Албанците до скоро беше дел од коалицијата ВЛЕН која, пак, е дел од владината коалиција. Но, лидерот Арбен Таравари објави дека излегува и од ВЛЕН и од Владата поднесувајќи си оставка од функцијата министер за здравство. Овој чекор Таравари го објасни посочувајќи дека ВЛЕН станала само декор во Владата и не ги застапувала доволно Албанците. Во пресрет на локалните избори најави можна соработка со опозициската ДУИ.