„Европа и Америка се многу обединети по ова прашање. Ние тесно ќе ја поддржиме Украина на нејзиниот пат кон прекин на огнот“, вели германскиот канцелар

Европските лидери се согласија да го засилат притисокот врз Русија преку дополнителни санкции откако американскиот претседател Доналд Трамп ги информираше за телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин. Ова синоќа го изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц при што ја нагласи обединетата позиција на Европа и Америка во однос на војната во Украина.
Трамп вчера имаше одвоени телефонски разговори со Путин, украинскиот претседател Володимир Зеленски и лидерите на Европската Унија, Франција, Италија, Германија и Финска, во обид да се стави крај на тригодишниот конфликт во Украина.
По повикот, Трамп изјави дека Русија и Украина веднаш ќе започнат преговори за прекин на огнот, но се чини дека не биле обезбедени поголеми отстапки во двочасовниот разговор со лидерот на Кремљ.
„Европа и Америка се многу обединети по ова прашање. Ние тесно ќе ја поддржиме Украина на нејзиниот пат кон прекин на огнот“,
напиша канцеларот Мерц на социјалната платформа Икс.
Europa und Amerika sind hier sehr geschlossen: Wir werden die Ukraine auf dem Weg hin zu einem Waffenstillstand eng begleiten. Europa wird den Druck auf Moskau durch Sanktionen erhöhen. Darauf haben wir uns mit @POTUS nach seinem Gespräch mit Putin verständigt.
— Bundeskanzler Friedrich Merz (@bundeskanzler) May 19, 2025
Тој додаде дека Европа ќе го зголеми притисокот врз Москва со санкции и оти тоа го договориле со претседателот на Соединетите Американски Држави по неговиот разговор со Путин.
Киев и неговите европски сојузници инсистираат на безусловно примирје. Од друга страна, Русија, која бележи бавен, но постојан напредок на бојното поле во Украина, претходно изрази загриженост дека Украина би можела да ја искористи таквата пауза за реорганизација и дополнително вооружување.
Помошникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков, вчера рече дека Путин и Трамп не разговарале за временска рамка за прекин на огнот во Украина, но дека Трамп ја нагласил својата желба за брзо постигнување договор.
Американскиот претседател Доналд Трамп, вчера по двочасовниот разговор со Путин на својата социјална мрежа Трут соушл напиша дека преговорите поминале многу добро и дека наскоро би можеле да следат разговори за прекин на огнот и завршување на војната во Украина.
Според него, Русија сака обемна трговија со САД, кога, како што рече, ќе заврши ова крвопролевање. Сепак, додаде и дека Украина може да биде голем победник во трговијата за време на реконструкцијата на својата земја.
Посочи и дека за ова ги информирал претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџа Мелони, германскиот канцелар Фридрих Мерц и финскиот претседател Александар Стуб.