Целта, како што рече заменик-министерот за здравство Јовица Андовски на денешната прес-конференција, е да се утврди здравствената состојба на секој пациент одделно и потребата од нивна натамошна рехабилитација и нега
Во Општата болница во Кочани од утре во наредните четири дена ќе се вршат прегледи и евалуација на сите пациенти кои беа повредени во пожарот, а кои беа на лекување во земјава и странство. Тимот што ќе ја врши евалуацијата на пациентите е составен од специјалисти од КАРИЛ, Градската општа болница „8 Септември”, болницата „Св. Наум Охридски“ и клиниките за пластична хирургија и за токсикологија.

Целта, како што рече заменик-министерот за здравство Јовица Андовски на денешната прес-конференција, е да се утврди здравствената состојба на секој пациент одделно и потребата од нивна натамошна рехабилитација и нега.
Директорот на ФЗО, Сашо Клековски, повика сите да дојдат на најавената евалуација во болницата во Кочани, дури и оние што не биле повредени и хоспитализирани, а биле на местото на пожарот.
„Покрај евалуацијата што ќе ја преземе Министерството за здравство, ќе го поканиме тимот од Израел кој беше тука на почетокот на трагедијата, да даде мислење за натамошна грижа на пациентите. Пртоколот предвидува сите повредени кои се во странство, да се вратат во болницата од која се испратени на лекување“,
рече директорот на ФЗО, Сашо Клековски, на денешната прес-конференција во Министерството за здравство.
Надлежните велат дека ако има потреба, во болницата во Кочани, каде што веќе има 10 здравствени работници кои се специјално обучени за физикална и психолошка рехабилитација на пациентите, префрлени ќе бидат и останатите 35 кои ја поминале ваквата обука од тимот експерти од Велика Британија.