Клековски посочи дека е отворен за разговор во зависност од потребите на Владата, но нагласи дека е неопходно евентуалните кадровски промени да предвидуваат комплетно решавање на кадровската екипираност во целиот здравствен сектор

Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, денеска изјави дека би прифатил да ја преземе функцијата министер за здравство, но само доколку се обезбеди соодветна замена на неговата позиција во Фондот.
Клековски посочи дека е отворен за разговор во зависност од потребите на Владата, но нагласи дека е неопходно евентуалните кадровски промени да предвидуваат комплетно решавање на кадровската екипираност во целиот здравствен сектор.
„Владата има премиер кој го составува владиниот тим. Јас се чувствувам комплетно продуктивно и посветено во Фондот каде има многу работа. Ќе бидам отворен за разговор, зависно од потребите. Но, повторно ќе кажам, во ФЗО има многу што да се работи, така да какви било рокади мора да предвидуваат комплетно решавање на кадровската екипираност во секторот здравство“,
изјави Клековски одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата за повредените во трагедијата во Кочани.
Ресорот здравство остана без министер откако Арбен Таравари минатата недела официјално поднесе оставка, по одлуката на неговата партија да излезе од Владата.
Во однос на тоа кој ќе го наследи Таравари, премиерот Христијан Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека на политичката сцена неделава многу работи ќе бидат појасни.