Иран во петокот во Турција одржа разговори со европските сили за својата нуклеарна програма, по четвртата рунда преговори меѓу Иран и САД, одржани минатата недела со посредство на Оман

Иранските власти денеска изразија подготвеност да отворат ново поглавје со европските земји, додека тие се закануваат дека повторно ќе воведат санкции кон Техеран поради неговата нуклеарна програма.
„Иран е подготвен да отвори ново поглавје во своите односи со Европа ако види вистинска волја и независен пристап на европските страни“,
рече иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи на еден дипломатски форум во Техеран.
Франција, Велика Британија и Германија, заедно со САД, Кина и Русија, се членки на нуклеарниот договор склучен со Иран во 2015 година. Текстот, кој предвидува укинување на санкциите против Техеран во замена за рамка за неговите нуклеарни активности, де факто застаре по повлекувањето на САД од овој договор во 2018 година, за време на првиот претседателски мандат на Доналд Трамп.
Европските дипломати тврдат дека имаат можност да го активираат механизмот во договорот од 2015 година кој овозможува повторно воспоставување меѓународни санкции против Техеран.
„Ако Европа има волја да ја исправи оваа ситуација, Иран не гледа пречка за обновување на меѓусебната доверба и развој на односите со европските земји“,
рече Арагчи.
Француските власти кон крајот на април соопштија дека Европа нема да се двоуми ни секунда повторно да воведе санкции против Техеран ако неговата нуклеарна програма ја загрози европската безбедност.
Иран во петокот во Турција одржа разговори со европските сили за својата нуклеарна програма, по четвртата рунда преговори меѓу Иран и САД одржани минатата недела со посредство на Оман.