Според него, изгледа Ахмети е толку речовит и мудар политичар „штом вака лесно импресионира еден квалитетен доктор да направи ваква вратоломија и да ризикува за две-три години отсега неговата партија да биде маргинализирана, а неговите луѓе заборавени или претопени во ДУИ“

Заминувањето на Арбен Таравари од владата е еден потсетник за сите нас дека, додека ние настапуваме искрено и принципиелно кон луѓето и промените, тие не се заинтересирани за идеја, визија и промени, туку за нешто друго. Сакам да му порачам дека неговите калкулации на долг рок нема да му испаднат добро за неговата партија, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски во своето обраќање на 20. годишна Конференција на Унија на жени.
„Со ваквото однесување на излегување и влегување во влада, кое е рамно на она ‘како до сега’, нема да помине долго кога и неговите сегашни партнери од ДУИ ќе го сфатат и дека нивното партнерство е со времен карактер и нормално дека тоа ќе трае додека не добие подобра понуда или додека нема некоја друга уцена за нешто и ќе му се заблагодарат, не далеку од сега. Јас таква политика не водам. Можеби звучам наивно, но како што секогаш говорам, промените започнуваат од нас и ние треба да бидеме она што сакаме да го постигнеме и тоа што граѓаните го очекуваат од нас, искрени луѓе, кои нема да калкулираат и да играат игри, и преку интигри, уцени, злоупотреби ќе се одржуваат на власт, туку ќе ја кажуваат вистината секогаш и ќе бидат принципиелни и доследни на својот збор. Ако не сме доследни на зборот, тогаш за бадијала ни е се. А јас таков ќе бидам“,
порача Мицкоски.
Тој посочи дека многумина му велеле да го откачи брзо Таравари бидејќи сакал да седи на две столици, да остане во Владата, а истовремено ДУИ да му поддржи пет градоначалници.
„Тоа што ДУИ го бара од него е да објави дека на листата на советници ќе оди сам, за да можело ДУИ да брои советници повеќе во однос на ВЛЕН. Замислете каква стратегија? Како бројот на советници да треба да ме убеди мене дека треба да ги земам од ДУИ во Владата, а не принципи, програма и заеднички цели!? Зарем тие мислат дека јас ќе заборавам како Бујар Османи го продаваше мојот македонски идентитет, зарем тие мислат така ќе помине тоа. Но тоа е, одлучил Арбен да биде маша на ДУИ и да ги одржува во политички живот сите оние за кои тој лично најлоши работи има зборувано, навистина штета. Но, како одлучиле така нека тераат, јас не сум загрижен, само може да бидам разочаран, но ова нема да ми ја промени вербата во луѓето и во нивниот збор. Јас сум непоправлив оптимист, јас верувам во луѓето и верувам во нивниот збор“,
рече Мицкоски.
Според него, изгледа Ахмети е толку речовит и мудар политичар „штом вака лесно импресионира еден квалитетен доктор да направи ваква вратоломија и да ризикува за две, три години од сега неговата партија да биде маргинализирана, а неговите луѓе заборавени или претопени во ДУИ“.
„Затоа што ако сега во ВЛЕН немале простор како што вели Таравари, каков ли простор ќе имаат кога ќе влезат во партнерство со Артан, со Бујар, со Села и со останатите. Како ли ќе седат таму и како ли ќе може да ги гледаат во очи, после сето тоа што го зборуваа пред мене. Но ете тој си има своја калкулација, или пак Али е нешто посебно убедлив и го воодушевил, импресионирал, да не речам маѓепсал и одлучил така дека поважно му е да има пет градоначалници и да им направи услуга на ДУИ, отколку да држи збор и принципи. Некој ќе рече се си има своја цена, но тоа не важи за мене. За мене зборот и принципите немаат цена. Но тоа е што е“,
додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер.
На крајот тој испрати и порака до Таравари:
„Со среќа нека му е, го одбра својот пат. Никој никому не може да направи толкава штета, како што човек може сам на себе си да си направи. Тоа имам нему и на сличните на нему да им го препорачам. Ќе дојде денот кога пак ќе се сретнеме, дали преку ВЛЕН или во други комбинации ќе се обиде повторно го знам, чувствувам тоа, да најде начин да влезе повторно во коалиција со нас, но едвај го чекам тој ден, да сме здрави и живи, верувајте ми дека и тој ден ќе го дочекам“.