Оттаму сметаат дека Мицкоски се обидува да го врати времето кога други одлучувале во име на Албанците, а тие биле третирани како статистички број, а не како рамноправни граѓани

Премиерот во своето последно јавно обраќање, повторно се впушти во опасната реторика на поделба и дискриминација, овој пат насочена кон Албанците, реагираат од ДУИ по денешниот говор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски на 20. годишна Конференција на Унија на жени на партијата.
„Во моменти кога губи поддршка дури и од своите најблиски сојузници, тој повторно се обидува да го одредува кој е прифатлив Албанец, а кој не – пракса што историски потсетува на најмрачните денови од деведесеттите кога оваа политика беше промовирана од Милошевиќ. Наместо да се фокусира на реформите што ги вети, на приближување кон ЕУ, економска стабилност и почитување на етничката рамнотежа, Мицкоски продолжува со националистичка агенда која има за цел да создаде подредени Албанци – послушни, неми и декоративни“,
велат од ДУИ.
Оттаму сметаат дека Мицкоски се обидува да го врати времето кога други одлучувале во име на Албанците, а тие биле третирани како статистички број, а не како рамноправни граѓани.
„ДУИ јавно предупредува дека ваквата реторика не само што е опасна, туку и веќе произведува обратен ефект: таа ги обединува Албанците, ги сплотува дури и најголемите политички опоненти околу една заедничка цел – одбрана на достоинството, политичката автономија и иднината на албанската заедница во државата. Остатоците од ВЛЕН, кои сè уште опстојуваат на функциите благодарение на Мицкоски, треба да се прашаат дали сакаат да бидат соучесници во една политика на поделба и омаловажување. Наместо да уживаат во удобноста на владините фотелји, време е да излезат меѓу граѓаните и да го слушнат нивниот глас. Гласот што сè погласно вели: доста е со понижување! Ако веќе самите не можат да го слушнат албанскиот глас сега, ќе го слушнат на претстојните избори, какви и да се тие“,
порачаа интегративците.