Инаугурациската миса на папата Лав XIV се одржа денеска во Ватикан. Со тоа тој е официјално устоличен на чело на Римокатоличката црква. Се проценува дека околу 250 000 луѓе се собраа на плоштадот „Свети Петар“, а голем број светски лидери и достоинственици беа присутни на настанот

Папата Лав XIV во својот денешен говор на инаугуративната миса на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан вети дека ќе работи на единството за Римокатоличката црква да стане симбол на мирот во светот.
Во својата проповед пред десетиците илјади верници, светски и црковни претставници, папата Лав рече дека сака Римокатоличката црква да биде обединета.

„Бев избран без никакви заслуги. Со страв и понизност ви доаѓам како брат кој сака да ѝ служи на вашата вера и вашата радост. Одејќи со вас по патот на Божјата љубов, Бог сака сите да бидеме обединети во едно семејство. Сите ние сме живи камења, повикани со нашето крштевање да градиме братство и заедништво, во заеднички дух. Црквата ја сочинуваат сите оние кои го љубат својот ближен. Во овие наши времиња, гледаме многу раздор предизвикан од насилство и страв од различното. Сакаме да бидеме мал дел од единството, од братството. Сакаме да бидеме скромни и среќни. Приближете се кон Христос, слушајте го Неговиот утешен збор за да станете едно семејство со љубов. Бидејќи Римската црква владее во љубов, а нејзиниот вистински авторитет е љубовта Христова, никогаш не станува збор за освојување на другите со сила, религиозна пропаганда или средства за моќ. Наместо тоа, секогаш е прашање на љубов, како што правел Исус“,
рече Папата.
Претходно, на папата Лав му беа врачени официјалните симболи на неговата папска функција – палиумот, литургиската облека и папскиот рибарски прстен.

Литургиската облека е изработена од јагнешка волна што ја симболизира улогата на папата како пастир на верниците. Палиумот се носи преку рамо и се прицврстува со три иглички што личат на шајките на Христовиот крст. Папскиот прстен, познат и како Пискаторски прстен, го симболизира односот на папата со Свети Петар, кој бил рибар.