„Спрема моите проценки, очекувам БДП побрзо да расте отколку долгот, така што очекувам дека во крајна смисла ефектите ќе бидат со намалување на јавниот долг, а не со зголемување, бидејќи станува збор за капитални инвестиции, не за позајмување пари и за трошења, социјални трансфери“, изјави денеска премиерот

Премиерот Христијан Мицкоски очекува јавниот долг на државата да се намали и покрај заемот од шест милијарди евра од Обединетото Кралство (ОК), најавен со договорот за стратешко партнерство и со договорот „влада со влада“ што треба да се потпише идната недела во Лондон.
Според него, да имате стратешко партнерство со ОК значи да имате политичка сигурност, плус и тоа, оценува тој, би требало да влијае позитивно и на рејтинг-агенциите и на сите оние што ги проценуваат условите за водење бизнис кај нас.
„Самиот факт што во првиот квартал од оваа година имаме раст на кредитите, односно кредитирање и на стопанството и на граѓаните од 13 проценти, што е за шест пати повеќе од истиот период во Европа и за два и пол пати повеќе од истиот период лани кај нас, говори дека надежта кај луѓето се враќа и дека довербата е тука и дека тие сакаат да инвестираат, да водат бизнис кај нас. Што се однесува до прашањето за јавниот долг, апсолутно тие два процеса, раст на БПД и позајмување на овие средтства и вбризгување во реализацијата на овие проекти (предвидени со договорите со ОК), ќе бидат паралелни. Спрема моите проценки, очекувам БДП побрзо да расте отколку долгот, така што очекувам дека во крајна смисла ефектите ќе бидат со намалување на јавниот долг, а не со зголемување, бидејќи станува збор за капитални инвестиции, не за позајмување пари и за трошења, социјални трансфери. Знаете, во градежништвото парите најмалку три пати се вртат. Не очекувам да има некакви импликации во тие параметри уште повеќе што првата фактура би требало да стигне на почетокот на 2027 година. Ќе имаме грејс-период кога ќе можеме да се развиваме и да го растеме БДП за да не дојдеме во ситуација да порасне јавниот долг, а да не го следи растот на БДП“,
изјави Мицкоски на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање дали имаат јасна пресметка колку јавниот долг ќе се зголеми во наредниот период, имајќи предвид дека сумата од 6 милијарди евра е сериозна.
Тој рече и дека сите проекти што ќе се реализираат во рамки на договорот за стартешко партнерство, ќе се реализираат во претходен договор со бизнис-заедницата, бидејќи, како што посочи, во договорот се предвидува минимум 70 проценти да биде локална компонента.
Во врска со условите за заемот – како парите ќе стигнат во Македонија и со која каматна стапка, Мицкоски изјави:
„Условите за најавените инвестиции од договорот сè уште се дефинираат и се работи на деталите, а се најдобрите што некој може да ги има на пазарот. Но, тоа сè уште не е финиширано, не е конечно, иако сме блиску до конечно решение. Многу скоро од денеска и тоа ќе биде објавено, репер ни е еуриборот, репер ни се два фиксни параметри, а тоа се грејс-период и долг период на отплата“.