Украинската полиција објави фотографии од речиси уништено темносино патничко возило, со откорнат покрив и скршени прозорци. Двете страни негираат дека таргетирале цивили, иако во конфликтот веќе загинаа илјадници, од кои огромното мнозинство се Украинци

Девет лица беа убиени во напад со руски дрон врз патнички автобус во североисточниот украински град Билопиља утрово, соопштија локалните власти.
Воената администрација на регионот Суми соопшти дека уште четири лица се повредени. Лекари, полиција и други служби за итни случаи моментално се на местото на настанот. Нападот се случил само неколку часа откако Русија и Украина ги одржаа своите први директни мировни преговори од 2022 година.
„Како резултат на ударот на непријателски дрон во автобус во близина на Билопил, девет лица загинаа, а четворица се повредени“,
се вели во соопштението на регионалната воена администрација.
Како што се додава, автобусот се движел кон Суми, регионалниот главен град.
Во видеопорака, гувернерот Олех Хрихоров го опиша рускиот напад како нехуман. Повикувајќи се на прелиминарните информации, тој рече дека автобусот бил погоден од руски дрон „Лансет“ во саботата во 06:17 часот по локално време.
Украинската полиција објави фотографии од речиси уништено темносино патничко возило, со откорнат покрив и скршени прозорци. Двете страни негираат дека таргетирале цивили, иако во конфликтот веќе загинаа илјадници, од кои огромното мнозинство се Украинци.

„Ова не е само уште едно гранатирање, туку цинично воено злосторство“,
напиша украинската национална полиција во објава на Телеграм.
Руската државна новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на соопштение од Министерството за одбрана, објави дека руските сили со дронови нападнале зона за собирање украинска воена опрема во регионот Суми.