Во однос на преговарачкиот процес за прекин на војната во Украина, Калас рече дека ниското ниво на претставеност на руската делегација на разговорите во Турција е доказ дека Русија не е сериозна во врска со преговорите и оти сега е важно целиот свет да види дека Москва игра игри

Процесот на проширување не им е неопходен само на земјите од Западниот Балкан, туку и на Европската Унија за таа да може да расте и економски, но и како глобална сила, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас при пристигнувањето на Самитот на Европската политичка заедница во Тирана.
„Постои тој политички моментум во кој сите сакаат да видат дека процесот на проширување навистина се случува“,
истакна Калас.
На прашање за перспективите на Албанија за членство во ЕУ до 2030 година, Калас рече дека земјата постигнува голем напредок кога станува збор за спроведувањето на реформите и посочи дека Унијата инсистира на тие реформи и особено сака да види напредок во сферата владеењето на правото, но дека е потребно е и блокот од своја страна да ги преземе потребните чекори.
Во однос на преговарачкиот процес за прекин на војната во Украина, Калас рече дека ниското ниво на претставеност на руската делегација на разговорите во Турција е доказ дека Русија не е сериозна околу преговорите и оти сега е важно целиот свет да види дека Москва игра игри.
Според Калас, во овој момент е најважно да се засили притисокот врз Москва и од тој аспект ЕУ веќе воведе 17 пакети санкции и работи на 18-тиот, а во исто време изработи и патокази за прекин на набавката на енергенси од Русија бидејќи, како што рече, од исклучителна важност е да се запре финансирањето на руската војна во Украина.
„Политичката изолација е начин да се изврши притисок врз Русија и ние мораме да бидеме обединети во напорите да се постигне мир“,
рече Калас потенцирајќи дека е важно што и САД вршат притисок врз Москва во тој правец.