Од Обвинителството велат дека наодот од Институтот за судска медицина се разгледува во корелација со други докази, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука

Обдукцискиот наод за починатиот 32-годишен кумановец Ведат Адеми е доставен до Основното јавно обвинителство Куманово, информираат денеска од Јавното обвинителство.
Оттаму велат дека наодот од Институтот за судска медицина се разгледува во корелација со други докази, по што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.
Адеми почина во кумановската болница во март годинава по алергиска реакција од аналгетик.
Кумановското обвинителство веќе отвори предистражна постапка за овој случај. Семејството на Адеми обвинува дека причина е лекарска грешка и дека му бил даден лек на кој бил алергичен.
По овој случај министерот за здравство Арбен Таравари, кој сега е во оставка, го разреши директорот на болницата. Таравари, кој тогаш беше во посета на семејството на Адеми, рече дека го прегледал извештајот од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и додаде дека во него многу лесно може да се констатира дека веќе има предуслови за разрешување на директорот на ОБ Куманово.