Милошоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ предупредувала на негативните ефекти од потпишувањето на Договорот за добрососедство и дека сега Владата се бори да го најде најдоброто решение

Македонија во моментов се наоѓа во ситуација на блокирани преговори со Европската Унија бидејќи СДСМ и ДУИ, и покрај сите противења на пратениците и граѓаните, ги погазија нивните барања и го прифатија она што не можеа да го испорачаат, изјави во синоќешното гостување во емисијата „Анализа“ на ТВ 24, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
„Се наоѓаме во ситуација на блокирани преговори токму благодарение на политиките на Бујар Османи, на Димитар Ковачевски, Артан Груби и на Зоран Заев. Овие луѓе пред пет години тврдеа дека Македонија отпочнала преговори за членство со една фотографија од владиниот авион. Зоран Заев од една конференција во Атина даде изјава дека спорот со Бугарија, му изгледа смешен и национален, за потоа истата партија и истите луѓе да го прифатат тоа што 80 отсто од Македонците не го прифаќаа и да го прифатат тоа што не можеа да го испорачаат, уставните измени по барање на Бугарија. Иако истата политичка партија организираше и референдум којшто вклучуваше и прашање за членството во ЕУ. Затоа според мене изјавите на претседателот на Европскиот совет не се изненадување“,
објасни Милошоски коментирајќи го ставот на Кошта дека она што било договорено во 2022 година мора да се испорача и оти нема план Б за продолжување на патот кон ЕУ.
Милошоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ предупредувала на негативните ефекти од потпишувањето на Договорот за добрососедство и дека сега Владата се бори да го најде најдоброто решение.
„Навремено предупредувавме дека и потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија и прифаќањето на францускиот предлог не се паметни потези, сега треба да најдеме решение, но за да најдеме решение добро е креаторите на овој проблем да ја согледаат оваа дијагноза и заеднички да поставиме црвени линии“,
рече Милошоски.
Тој оцени дека СДСМ направил голем незрел дипломатски чекор и стратегиска грешка со којашто не се слушал гласот на народот и покрај референдумот.
„Многу е погрешно да се прифати една таква голема концесија без национален консензус, а притоа концесијата да биде поврзана со отворање на поглавјата, тоа е многу незрел дипломатски политички чекор. Вие направивте стратешка грешка со таквото сервилно однесување на коешто цела јавност се спротивстави. Ние знаеме која беше голготата којашто ја помина Македонија со блокадата од Грција, со ваквото однесување вие создадовте методологија ние повторно да одиме еден таков трнлив пат, еден пат којшто прво значи нефер однесување кон Македонија бидејќи се прифаќаат критериуми коишто не се дел од критериумите на Копенхаген, и второ методологија којашто не не носи до полноправно членство туку не носи до отворање на преговорите и неизвесност“,
додаде Милошоски.
Според него, доколку се прифатат барањата на Бугарија можно е да се случи Македонија да добие ново вето или да стане асоцијативна членка со одредени ограничени права.
„Сметам дека треба да бидеме многу претпазливи. Можеме да го смениме Уставот утре, и задутре да добиеме ново вето и да имаме ново разочарување, и може да се случи да го смениме Уставот и никогаш да не станеме полноправна членка односно да ни се понуди за четири години од денес да бидеме асоцијативна членка со одредени ускратени права во рамките на ЕУ“,
смета пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.