Израелското Министерство за надворешни работи веднаш реагираше и ја повика шпанската амбасадорка во Израел, Ана Саломон, на разговори

Шпанскиот премиер Педро Санчез, во неговата најостра изјава досега за војната во Газа дадена во парламентот, го нарече Израел геноцидна држава и рече дека Шпанија не тргува со таква земја.
„Сакам да разјаснам, господине Руфијан: Ние не тргуваме со геноцидна држава“,
рече Санчез за време на сослушувањето во шпанскиот парламент утрово одговарајќи му на пратеникот Габриел Руфијан кој го обвини дека одржува трговски односи со Израел и покрај војната во Газа.
Санчез истакна дека претходно го објаснил својот став и додаде:
„Мислам дека јасно објаснив од оваа говорница пред некој ден за што зборуваме кога се изнесуваат тврдења што не одговараат на вистината“.
Spanish Prime Minister Pedro Sánchez calls Israel a ‘genocidal state’ in Parliament today.
— Leyla Hamed (@leylahamed) May 14, 2025
He also stated that the Spanish government will NOT trade with Israel. pic.twitter.com/OeE03wznut
Израел го повика шпанскиот амбасадор на разговори
Локалните медиуми објавија дека ова е првпат Санчез јавно да го употреби терминот геноцидна држава, термин што често го користи крајно левичарскиот коалициски партнер на неговата влада, Сумар.
Израелското Министерство за надворешни работи веднаш реагираше и ја повика шпанската амбасадорка во Израел, Ана Саломон, на разговори.
„Поради тешките изјави дадени од шпанскиот премиер Педро Санчез, шпанскиот амбасадор во Израел е повикан утре во Министерството за надворешни работи во Ерусалим на разговори“,
се вели во соопштението на израелското министерство.
Изјавата на Педро Санчез доаѓа во време на зголемени меѓународни критики кон израелските воени операции во Газа и дополнително ги затегна односите меѓу Мадрид и Тел Авив.
За потсетување, Шпанија ја призна Палестина во мај минатата година, заедно со Словенија, Ирска и Норвешка. Палестина досега е признаена од 147 од 193-те членки на ОН.