На прашањето дали Европска Унија има план Б за надминување на барањата на Бугарија, Кошта беше дециден дека Македонија треба да се фокусира на планот А

Процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија се одвиваше навистина предолго време и сега е ред да се испорачаат резултати, а за тоа е потребно истовремено да чекориме во две паралелни димензии. Она што е договорено во 2022 година е договорено и сега треба да се реализира, нема простор за нови барања. Ова е пораката што денеска во Скопје на заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски ја испрати претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта.
„Реформската агенда е многу важна, Планот за раст е мошне важен и треба да ги конкретизираме инвестициите како Коридор 8 и модернизацијата на Коридор 10. Истовремено треба да се испорача и она што беше договорено во 2022 година. И да, знам колку е тоа тешко, навистина би сакал да ѝ честитам на Северна Македонија за огромните напори што земјата ги има направено во минатото за да се придвижи напред во однос на пристапувањето и сега е време да се заклучи целиот процес со следните чекори. Премиерот Мицкоски знае дека може да смета на мене и на ЕУ за да го олесниме сето ова, за конечно да отвориме нова страница и да се придвижиме напред. Затоа и ја посетив и Бугарија. Какви гаранции имаме, јасно е дека она што е договорено е договорено и нема веќе за што друго да се договараме. Сега треба да го испорачаме она што сме се договориле и веќе нема простор да се бара нешто повеќе“,
рече Кошта одговарајќи на прашањето дали постојат некакви гаранции или механизми за да се дадат гаранциите кои ги бара Владата во врска со прашањата кои се однесуваат на идентитетот и на историјата на Македонците да не го одредуваат пристапниот пат во ЕУ.
На прашањето дали Европската Унија има план Б за надминување на барањата на Бугарија, Кошта беше дециден дека Македонија треба да се фокусира на планот А.
„Не треба да го потценуваме планот А и мора да се фокусираме на него. Знаеме кои се Копенхашките критериуми, знаеме кои се претходните одлуки на Европскиот совет, знаеме што беше договорено во 2022 година и мора да го испорачаме тоа. Јас совршено добро сфаќам кога премиерот вели дека веќе е променето знамето, името на државата, кога вели дека имало измени во Уставот. Сега треба да бидеме сигурни дека нема некој да дојде и да побара нешто повеќе од она што претходно било договорено. И јас навистина се согласувам со него – она што е договорено е договорено и сега треба да го испорачаме. Не ни треба план Б, треба да го испорачаме план А, што е во мојот фокус, а сигурен сум дека и премиерот е фокусиран на тоа и секако треба другите 27 земји членки на ЕУ да бидат фокусирани на тоа“,
изјави Кошта.
Тој ја поздрави, како што рече, одличната работа што беше завршена од страна на С. Македонија и од Владата во поглед на реформската агенда и напредокот кој веќе беше постигнат.
„Во текот на нашата средба (со премиерот Мицкоски), повторив дека иднината на Северна Македонија е во Европската Унија, дека постигнавме прилично многу досега и разговаравме за преостанатите чекори кои треба да бидат преземени за да се заврши овој процес, и поради тоа го охрабрувам премиерот за да ги вложи своите напори за да го овозможи натамошниот напредок. Клучно е да се продолжи со реформите и да се инвестира во владеењето на правото, борбата против корупцијата. Би сакал и да ја уважам вашата усогласеност со нашата надворешна и безбедносна политика и поддршката за Украина“,
посочи претседателот на Советот на ЕУ на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер.