„Ова не е прашање на партиски разлики – ова е прашање на совест, човечност, солидарност и грижа за сопствените граѓани. За Кочани мора да има правда, одговорност, но и силна поддршка и помош на оние на кои им е неопходна“, реагираат од СДСМ

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) изразува длабоко разочарување од одлуката на ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери да не дозволат предлог-законот за финансиска поддршка на семејствата на загинатите и повредените од трагедијата во Кочани да се најде на дневен ред во Собранието, реагираат од најголемата опозициска партија.
Оттаму нагласуваат дека станува збор за предлог без политичка заднина.
„ВМРО-ДПМНЕ требаше да покаже одговорност и зрелост, а не да се држи само до политичкиот инает. Зад она што е добро треба заеднички да застанеме без било какви политички калкулации, искрено и добронамерно. Ова не е прашање на партиски разлики – ова е прашање на совест, човечност, солидарност и грижа за сопствените граѓани. За Кочани мора да има правда, одговорност, но и силна поддршка и помош на оние на кои им е неопходна“,
порачаа од СДСМ.
Законското решение предложено од опозицискиот СДСМ, кое се однесува за обезбедување помош на семејствата на настраданите и на повредените во пожарот во Кочани, не ја доби потребната поддршка од пратениците за да се најде на дневниот ред на вчерашната собраниска седница.
Предлогот за дополнување на дневниот ред со оваа точка, која од собраниската говорница ја образложи координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, доби 18 гласа „за“, еден „воздржан“ и ниеден „против“, по што собранискиот спикер Африм Гаши констатира дека предлогот не е усвоен.
Претходно пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека владејачкото мнозинство во парламентот нема да го поддржи законот бидејќи не сака да дозволи трагедијата во Кочани да биде злоупотребена за политички маркетинг.