Макрон во телевизиско појавување еден ден претходно изјави дека она што владата на Бенјамин Нетанјаху го прави денес во Газа е неприфатливо и дека тоа е срамно
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска го обвини францускиот претседател Емануел Макрон дека е на страната на терористичка организација, откако тој го критикуваше за постапките на неговата влада во Појасот Газа.

„Макрон повторно одлучи да застане на страната на убиствената терористичка исламистичка организација и да ја шири нејзината подла пропаганда што го обвинува Израел за воени злосторства“,
рече Нетанјаху.
Макрон во телевизиско појавување еден ден претходно изјави дека она што владата на Бенјамин Нетанјаху го прави денес во Газа е неприфатливо и дека тоа е срамно.
„Тоа е неприфатлива хуманитарна катастрофа“,
рече францускиот претседател за ситуацијата во целосно уништената палестинска енклава.
За ова, тој беше критикуван од израелскиот министер за одбрана Израел Кац.
„Добро се сеќаваме што им се случи на Евреите во Франција кога не можеа да се одбранат. Претседателот Макрон нема право да ни држи морални предавања. Израелската војска дејствува со неспоредлив морал во тешки и сложени околности – многу повеќе отколку што Франција направила во своите војни“,
изјави Кац.
По двомесечно примирје, Израел ја продолжи својата воена офанзива во Појасот Газа кон средината на март, наведувајќи ја целта да го принуди Хамас да ги ослободи сите заложници земени за време на терористичкиот напад на милитантната група на 7 октомври 2023 година.
Израелските власти го блокираат влезот на хуманитарна помош во Газа, енклава каде што живеат 2,4 милиони Палестинци.
„Наместо да го поддржува западниот демократски табор кој се бори против исламистичките терористички организации и повикува на ослободување на заложниците, Макрон повторно бара Израел да се предаде и го наградува тероризмот“,
рече Нетанјаху.
Во говорот пред резервистите во понеделникот, тој рече дека армијата ќе влезе во Појасот во наредните денови со сета своја сила за да ја заврши операцијата и да го победи Хамас.
Тој додаде дека неговата канцеларија бара земји кои се подготвени да прифатат жители на Газа, велејќи дека е уверен дека повеќе од 50 проценти ќе заминат, па дури и повеќе.