Рускиот претседател Владимир Путин вчера го коментираше можното воведување нови санкции за неговата земја наведувајќи дека со нив Европа си наштетува сама на себе
Воведувањето на новиот пакет санкции на ЕУ кон Русија доаѓа пред очекуваната, но неизвесна средба меѓу претставници на Москва и Киев на највисоко ниво утре во Истанбул
Европската Унија (ЕУ) даде зелено светло за новиот, 17. по ред пакет санкции против Русија, а како што објави уредникот на Радио Слободна Европа, Рикард Јозвиак од Прага, паралелно се одобрени и дополнителни санкции кон Москва поради кршење на човековите права и хибридно војување.

Повикувајќи се на „Фајненшл тајмс“, ХРТ објави дека новите ограничувања ќе важат за 149 танкери од т.н. „флота во сенка“ на Русија и 60 компании.
Санкциите, како што се наведува, ќе влијаат и на компании од трети земји, меѓу кои и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Турција, Србија, Виетнам и Узбекистан, поради сомневање дека и помагаат на Русија да си избегне досегашните санкции од Унијата.
🇪🇺 ambassadors just gave green light to the 17th sanctions package on 🇷🇺. In parallel they have also approved more sanctions on 🇷🇺 for human rights abuses, hybrid interferences around the world and chemical weapons proliferation
— Rikard Jozwiak (@RikardJozwiak) May 14, 2025
Рускиот претседател Владимир Путин вчера го коментираше можното воведување нови санкции за неговата земја и наведе дека со нив Европа си наштетува сама на себе.
„Се чинеше дека ова (воведувањето санкции) нема да се направи затоа што ќе им наштети (на Европа). Но, тие го направија тоа – идиоти. Извинете… Водечките светски економии влегуваат во рецесија само за да ни наштетат нам“,
рече Путин гестикулирајќи иронично.
Воведувањето на новиот пакет санкции на ЕУ кон Русија доаѓа пред очекуваната, но неизвесна средба меѓу претставници на Москва и Киев на највисоко ниво утре во Истанбул.
Имено, минатиот викенд рускиот претседател Путин предложи започнување на директни мировни преговори со Украина в четврток во Истанбул, на што неговиот украински колега одговори со зголемување на влоговите, предизвикувајќи го рускиот лидер двајцата да се сретнат лично во Турција.
Што ќе се случи и дали таква средба ќе се оствари, според „Гардијан“, останува нејасно. Кремљ одби да потврди кој ќе оди во Турција и дали делегацијата ќе ја предводи претседателот Путин. Советникот на украинскиот претседател Михајло Подољак рече дека Зеленски ќе седне на маса само доколку присуствува и рускиот лидер, објави Асошиејтед прес (АП).

Зеленски рече дека договорил средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара, но дека ќе биде подготвен да лета за Истанбул во секој момент доколку се појави Путин.
„Ако Путин не пристигне и игра игри, тоа е последниот доказ дека тој не сака да ја заврши војната“,
изјави вчера украинскиот претседател.
Во меѓувреме, претседателот на САД, Доналд Трамп, кој е во посета на Блискиот Исток, според толкувањето на медиумите на неговата изјава дадена во понеделникот, предлага трилатерална средба меѓу него, Путин и Зеленски.
„Верувам дека двајцата лидери ќе бидат таму (во Турција). Размислував да летам над Турција“,
рече тој во понеделникот.
Зеленски вчера изјави оти се надева дека Трамп навистина ќе се сретне со него во Турција.
„Ако Трамп патува, тоа ќе го поттикне и Путин да патува. Трамп навистина може да помогне. Тоа е ситуација каде што присуството на САД може да даде важни гаранции“,
рече претседателот на Украина.