Тој додава дека, според Законот за МНР и Правилникот за плати и надоместоци, амбасадор е овластен и може законски да врши пренамена на средства според потребите на работата на амбасадата и сите сторени „пречекорувања“ се сторени во рамките на неговите законски овластувања
Денеска од Министерството за внатрешни работи информираа дека вчера до Основното јавно обвинителство е поднесена кривична пријава против четири лица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување и за кои се вели дека причиниле штета на буџетот на државата во вкупен износ од 116 576,9 американски долари

Срамен притисок врз критичарите на власта, вака поранешниот амбасадор при Обединетите нации во Њујорк, Љубомир Фрчковски, ја коментира кривичната пријава што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја поднесе, а во која е осомничен за злоупотреби во службата.
Во реакцијата од Фрчковски се вели дека власта и Министерството за надворешни работи направило срамна, банална и полна со неточности кривична пријава за да изврши притисок врз неговите јавни настапи кои се критички кон власта.
Според Фрчковски, Министерството одлучило да изврши притисок со појава на, како што вели, комична и полна неточности кривична пријава за целата екипа на македонската Амбасада во Њујорк со цел ширење страв и замолчување.
„Во пријавата без срам и перде се наведува дека имало пречекорување на сметките за мобилни, поправка на возило без дозвола на МНР, земање на аванс за службено патување иако целиот е вратен во буџетот, вонредни авио билети по повод смртен случај во фамилија кои исто така се редовно вратени во буџетот“,
се наведува во реакцијата од Фрчковски.
Тој додава дека, според Законот за МНР и Правилникот за плати и надоместоци, амбасадор е овластен и може законски да врши пренамена на средства според потребите на работата на амбасадата и сите сторени „пречекорувања“ се сторени во рамките на неговите законски овластувања.
Фрчковски во реакцијата објаснува дека најголемо незнаење е манипулацијата со парите добиени од продажба на објект на СФРЈ во Њујорк, за кои вели дека биле уплатени на сметката на Мисијата.
„Се вели дека наспроти инструкциите на МНР и Финансии не бил веднаш уплатен во буџетот сиот износ, туку на неколку рати бил уплаќано (сиот износ сепак е уплатен без сомнеж). Тоа било нужно да биде така бидејќи финансиските служби на Њујорк инсистираат да останат средства од сукцесијата на сметката – како гаранција за наплатен данок. Додека купувачот на објектот не го плати данокот средства мора да има на сметките на сите републики од бивша СФРЈ во Њујорк – за да може во ситуација на проблем данокот сепак да биде наплатен од нивните сметки“,
пишува Фрчковски.
Тоа, вели тој, е обврска и задолжение од финансиските власти и сите републики не ги вратиле парите во своите буџети, туку задржале дел на своите сметки на мисиите во Њујорк.
„Кога данокот по една година е наплатен од купувачот тие средства се ослободени за сите републики и тие ги вратиле во своите буџети. Така направила и Македонија. Но, МНР бидејќи нема поим за тоа го обвинува амбасадорот – не постапил по инструкциите на МНР и Финансии да ги врати сите пари веднаш?! Тој и да сакал не можел. Но, тоа е тоа, со законски непознавања останува само лоша намера за притисок по секоја цена“,
стои во реакцијата од Фрчковски.
Денеска од Министерството за внатрешни работи информираа дека вчера до Основното јавно обвинителство е поднесена кривична пријава против Љ.Д.Ф. (67), К.Г. (37), Ј.И. (64) и И.С. (41), сите од Скопје поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.
Пријавените со нивните дејствија, како што стои во пријавата, причиниле штета на буџетот на државата во вкупен износ од 116 576,9 американски долари.
Како што информира денеска МВР, пријавениот Љ.Д.Ф. во својство на шеф на Постојаната мисија при ООН во Њујорк, во периодот од април 2022 година до октомври 2024 година ја злоупотребил службената положба и овластување и постапил спротивно на инструкцијата од Министерството за надворешни работи и мислењето од Министерство за финансии.
Тој од вкупно уплатените 3 998 721,72 американски долари на сметката на Мисијата, а кои биле од продажба на сукцесиски објект на СФРЈ во Њујорк, на сметка на државниот буџет уплатил 3 940 000 американски долари. Останатите средства, како што стои во пријавата, а кои се во висина од 58 721,72 американски долари од продажбата на сукцесискиот имот не ги уплатил на сметка на буџетот на РСМ.
„Овие средства, незаконски и ненаменски ги потрошил и постапил спротивно на правилниците, упатствата и интерната процедура за начинот и постапката на планирање, спроведување и реализација на јавните набавки“,
стои во соопштението од МВР.
Во пријавата стои и дека покрај ненаменски потрошените 58 721,72 американски долари од продажба на имот Љ.Д.Ф., како што се наведува, причинил материјална штета во износ од 5 .855,18 американски долари, а кои биле потрошени врз основа на земени аванси за службен пат, помалку вратен депозит за резиденцијата на амбасадорот, пречекорувања на дозволениот износ за мобилен телефон, како и неоправдани и дупли плаќања на одредени сметки за телефон, но и за поправка на службено возило без претходна согласност од МНР.
Останатите пријавени, како што стои во пријавата, во својство на сметкополагачи во Постојаната мисија при ООН во Њујорк, ја злоупотребиле службената положба и овластување.
„Иако биле должни согласно законските прописи да ракуваат со одобрените средства и туѓите средства, да ја проверуваат сметководствената точност на документот врз чија основа се издаваат налози за исплата, со неизвршување на своите службени должности противзаконски му исплаќале парични средства од благајната, вршеле плаќања од банкарската сметка и не ги евидентирале неправилностите направени од страна на пријавениот Љ.Д.Ф. во однос на располагањето со финансиските средства“,
се вели во соопштението.
Кон крајот на минатата година министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, одговарајќи на новинарски прашања околу поранешниот амбасадор во Обединетите нации, Љубомир Фрчковски рече дека во МНР била спроведена внатрешна постапка, при што биле добиени загрижувачки информации.
Муцунски тогаш рече дека има сериозни индиции за злоупотреба на јавни буџетски средства, а оти индициите укажуваат дека штетата е шест цифри во евра.
Амбасадорот во Организацијата на обединетите нации (ООН) во Њујорк, Љубомир Фрчкоски во август лани ја поднесе својата оставка, а функцијата ја извршуваше од март 2022 година откако тогашниот претседател Стево Пендаровски го потпиша указот за негово заминување во мисијата.