На потпишувањето беше посочено дека верските заедници се меѓу клучните чинители за превенција и спречување на насилниот екстремизам бидејќи нивното присуство и активностите со верниците можат да бидат од голема полза во зајакнувањето на заедниците
Лидерите на верските заедници во земјава денеска потпишаа Декларација против насилен екстремизам.
Потписници на Декларацијата се архиепископот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, реисот на Исламската верска заедница Шаќир Фетаху, скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, суперинтендентот на Евангелско-методистичката црква Марјан Димов, претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви.

На потпишувањето беше посочено дека верските заедници се меѓу клучните чинители за превенција и спречување на насилниот екстремизам, бидејќи нивното присуство и активностите со верниците можат да бидат од голема полза во зајакнувањето на заедниците како целина.
„Ние потписниците на оваа Декларација, верски лидери и претставници на признатите верски заедници во Република Северна Македонија, собрани во духот на заемна почит и водени од чувството за заедничка одговорност, свесни за нашата улога за зачувувањето на општествениот мир, согласни сме со оваа Декларација како израз на заедничка определба за градење на достоинствен соживот и отпорност против насилниот екстремизам. Свесни дека Република Северна Македонија е заеднички дом на различни народи, култури и верувања, како и дека соживотот е вредност којшто постојано мора да се негува и штити. Соочени со злоупотребата на верата како изговор за поделби и насилство, со сѐ почести форми на говор на омраза и процеси на радикализација кои водат до насилство и насилен екстремизам, со дезинформации, идеолошки наративи и пропаганда, што ја искривуваат суштината на верата и поттикнуваат недоверба“,
стои, меѓу другото, во Декларацијата.
Декларацијата е по иницијатива на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОЗРГ), чии директори, Александар Кржаловски и Оливера Трајковска, покрај верските лидери, се меѓу потписниците на документот.