Во фишинг-пораката која се испраќа до граѓаните, според информациите кои ги објави Министерството, лажно се тврди дека граѓанинот до кој е испратена сторил повреда на авторски права. Пораките содржат фишинг-линкови до наводна документација или барања за преземање на активности
Министерството за внатрешни работи (МВР) апелира граѓаните да бидат внимателни со т.н. фишинг-напади преку електронски пораки во кои се злоупотребуваат имињата на повеќе македонски компании со цел неовластено да се прибават податоци од граѓаните. Ваквата појава, како што соопштија МВР, е зачестена во последниот период.

Во фишинг-пораката која се испраќа до граѓаните, според информациите кои ги објави Министерството, лажно се тврди дека граѓанинот до кој е испратена сторил повреда на авторски права. Пораките содржат фишинг-линкови до наводна документација или барања за преземање на активности.
„Обидите за фишинг обично доаѓаат преку електронска пошта, но и од социјални мрежи, преку текстуална СМС порака или со телефонски повик. Важно и значајно е граѓаните односно компаниите да знаат дека пораката не е испратена од вистинската компанија, да не кликнуваат на линковите или прилози во пораката, да не одговараат на пораката, да не споделуваат лични информации и веднаш да ја избришат пораката“,
наведуваат од МВР.
Додаваат дека Секторот за компјутерски криминал активно работи и води постапки во врска со ваквите измами и апелираат до граѓаните да пријават во полиција доколку примиле ваква порака или биле жртва на измама.