Според опозицијата, Мицкоски на крајот ќе остане осамен и опкружен само со неговите клиентелисти и амбицирани криминалци, но граѓаните јасно гледаат низ проѕирните лаги на ВМРО-ДПМНЕ
Одлуката на Арбен Таравари и на неговата Алијанса за Албанците (АА) да излезат од Владата е потврда дека доскорешните партнери на премиерот Христијан Мицкоски, се евакуираат откако во јавноста беа споделени низа скандали за власта. Ова е денешната реакција на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), откако претседателот на крилото на дел од Алијанса за Албанците и министер за здравство, Арбен Таравари вчера на прес-конференција рече дека партијата едногласно одлучила да оди во опозиција.

„За парвпат во 35 години независност и плурализам се случува за толку кратко време најголемиот коалиционен партнер да ја напушти Владата, и тоа оваа на Христијан Мицскоски“,
велат од СДСМ.
Оттаму додаваат и дека излегувањето на АА од Владата е доказ дека полека, но сигурно граѓаните и политичките партии што се уште се дел од владината коалиција, гледаат дека Мицкоски ја води државата во провалија.
„Во неколку месеци Мицкоски успеа да искомбинира катастрофални економски резултати, со бесцелни патувања во странство. На сетоа тоа треба да се додадат и гоштевањата со народни пари, милиони потрошени за бејби-биф, папаја, манго, октоподи, додека власта се противи на барањата на Синдикатите за зголемување на минималната плата. Нема крај ниту на скандалите во општините со кои ‘скандинавски‘ раководат градоначалниците на Мицкоски, на кои приоритет им е единствено местење тендери“,
пишува во соопштението од опозициската партија.
Според опозицијата, Мицкоски на крајот ќе остане осамен и опкружен само со неговите клиентелисти и амбицирани криминалци, но граѓаните јасно гледаат низ проѕирните лаги на ВМРО-ДПМНЕ.
Турбуленциите ги предизвика крилото на Алијанса за Албанците во владиниот партнер ВЛЕН кога донесе одлука на локалните избори во октомври да излезе со сопствени советнички листи.
Тоа не беше прифатено од неговите коалициски партнери во ВЛЕН. По ова следуваше напуштање на Таравари на коалицијата ВЛЕН, а во јавноста се појавија шпекулации дека тој преговара со лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети.
Претседателот на крилото на дел од Алијанса за Албанците и министер за здравство, Арбен Таравари синоќа на прес-конференција соопшти дека неговата Алијанса за Албанците одлучи да оди во опозиција.