Пред доаѓањето во Србија, коментирајќи ги посетата на Вучиќ на Москва и политичките тензии во Србија, рече дека еден од условите за пристапување кон Европската Унија е заедничка надворешна политика меѓу Унијата и потенцијалните земји членки
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, вечерва пристигна во Белград, во рамкитњ на турнејата низ земјите од Западен Балкан, која ја почнува денеска, а ја завршува на 16 мај.

Ова е негова прва посета на регионот по преземањето на функцијата.
Кошта на аеродромот во Белград беше пречекан од српскиот претседател Александар Вучиќ, пренесува Радио-телевизија Србија (РТС).
На Кошта утре ќе му биде направен официјален пречек, пред Палатата Србија, а потоа ќе има средба со Вучиќ.
Претседателот на Европскиот совет ќе разговара и со премиерот Ѓуро Макута и пратениците во српскиот парламент.
Српскиот претседател на Инстаграм објави дека го пречекал Кошта на аеродромот во Белград.
Рече дека на утрешната средба на Кошта ќе му пренесе оти Србија е решена да го продолжи својот европски пат, подготвена да работи со одговорен и партнерски пристап за сите прашања важни за мирот и просперитетот на граѓаните.
„Верувам во големото значење на дијалогот, отворената и директна комуникација во време на сложени геополитички околности“,
напиша Вучиќ.
По Белград, утре попладне ќе ја продолжи посетата на Западен Балкан во Сараево, потоа ќе замине во Подгорица, Приштина, Скопје, а турнејата ќе ја заврши во Тирана, каде на 16 мај ќе биде кодомаќин на шестиот самит на Европската политичка унија, чија тема е „Нова Европа во новиот свет: единство – соработка – соработка“.
Пред доаѓањето во Србија, коментирајќи ја посетата на Вучиќ на Москва и политичките тензии во Србија, Кошта рече дека еден од условите за пристапување кон Европската Унија е заедничка надворешна политика меѓу Унијата и потенцијалните земји членки.
Во објава на Икс, Кошта напиша дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија.
„Тоа е најдобриот начин да се сврти минатото и да се изгради заедничка иднина на мир, стабилност и просперитет“,
напиша Кошта, кој во видеопораката рече дека еден од неговите главни приоритети е проширувањето на ЕУ.
В четврток Кошта ќе престојува во Скопје, каде што ќе оствари средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски.