Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ оценува дека состојбата со ковид-епидемијата е алармантна, а на Владата ѝ се случува здравствена капитулација поради зголемениот број новозаразени со коронавирус.
Игор Николов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, денеска на прес-конференција рече дека министерот за здравство дрско, безобѕирно и неодговорно се обидува вината да ја префрла кај граѓаните или кај МВР.
„Истиот тој заедно со Владата не убедуваше дека состојбата е под контрола, дека пикот е поминат и дека заразата е победена. Викаат дека ги држат кластерите под контрола, за денеска да биде јасно и податоците зборуваат дека состојбата е целосно надвор од контрола. Ова се нивните зборови, но и очај затоа што бројките се други. Граѓаните не се виновни, виновна е власта која не го заштитува здравјето на граѓаните и носи чудни мерки. Имаме чисто фијаско на владата на Спасовски, и Филипче кое граѓаните го плаќаат со животите. Граѓаните се препуштени сами на себе, затоа што сами мора да се грижат за сопственото здравје заради нивните мерки“,
рече Николов.
Како и претходно неговата сопартијка Дафина Стојаноска, така и Николов побара разрешување на членовите на Комисијата за заразни болести и итно формирање на нова составена од експерти и натпартиски решенија кои нема да подлегнат под политички влијанија и ќе донесат итен пакет на мерки за заштита на здравјето на граѓаните.
„Министре, веќе три месеци Ве оставивме да се справувате со кризава, не сакајќи да правиме опструкции или да попречуваме спроведување на мерки за една ваква сериозна состојба каква што досега не сме виделе. Верувавме во членовите на комисијата, верувавме дека нема да се мешате и да им влијаете на овие врвни експерти и верувавме дека ќе го донесете најсоодветното и најдоброто решение…Но, во овој тримесечен период ни покажа дека немате визија министре, не знаете ни како ќе заврши оваа работа, ни како ќе заврши ова пандемија, ги менувавте членовите од комисијата по потреба и ваши мерки, одлуките и мерките беа најмалку донесени под влијание на експертиза, туку под политички влијанија, беа чудни и несоодветни“,
рече Николов.
