Во однос на изјавата на лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, дека Владата нема етнички легитимитет поради малиот број албански пратеници во мнозинството, Бендевска нагласи „оваа Влада е се, само не моноетничка“

За Движењето ЗНАМ – За наша Македонија неприфатливо е да седат во иста Влада со субјект што се договара со нереформирано ДУИ.
Потпретседателката на партијата, Весна Бендевска, денеска истакна дека ЗНАМ и во предизборната програма говореле за итна потреба од „дедуизација” на општеството, што според неа претставува систем на коруптивно и криминално владеење што го разорило институционалниот систем.
„Под ’дуизација’ не подразбираме албанофобија, туку напротив, ’дуизацијата’ значеше систем на коруптивно и криминално владеење. Систем кој го разори институционалниот систем“,
рече Бендевска.
Бендевска ја коментираше и актуелната владина коалиција по најавата на премиерот Христијан Мицкоски за заминување на Арбен Таравари од Владата. Таа рече дека премиерот го кажал својот став, а потсети дека ставот на ЗНАМ во неколку наврати е јавно изнесен.
На прашање за комуникацијата со пратениците од крилото на Алијанса за Албанците предводено од Таравари и можноста дел од нив да останат во мнозинството, Бендевска рече дека членовите на АА не присуствувале на координација и дека е неодговорно да се шпекулира за нивните идни чекори.
Во однос на изјавата на лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, дека Владата нема етнички легитимитет поради малиот број албански пратеници во мнозинството, Бендевска нагласи „оваа Влада е се, само не моноетничка“.
Таа посочи дека и покрај заминувањето на еден од четирите субјекти кои ја формираа коалицијата ВЛЕН, остануваат три партии здружени во еден политички субјект, што ја демантира тезата за моноетнички состав на власта.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера, одговарајќи на новинарски прашања во скопско Инџиково, рече дека не може да го разбере трансферот на Таравари од власт во опозиција, особено што заминува, како што рече, во прегратките на Али Ахмети и ДУИ.
Мицкоски рече дека тоа е сепак одлука на Таравари и на малкумина околу него, а не одлука на членството на Алијанса за Албанците и на голем дел од луѓето што се дел од владата.
Тој најави дека неделава ќе има последна средба со Таравари или, како што кажа, завршно кафе со него, на која ќе го сумираат тоа што е направено досега и ќе му посака добро здравје.