Министерот за европски прашања се заблагодарил за континуираната поддршка на Европарламентот и ја потенцирал подготвеноста на македонската влада за интензивирање на реформскиот процес и одржување на отворен и инклузивен дијалог во земјата, со цел градење поширока поддршка за реализација на полноправното членство во ЕУ
Процесот на уставни измени, иако комплексен, останува неопходен чекор на европскиот пат на С Македонија, кој бара одговорен пристап и обединување околу заедничката визија за европската иднина. Ова било потенцирано на средбата меѓу известувачот на Европскиот парламент за земјава, Томас Вајц и министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кој е во работна посета на Брисел.

Европратеникот Вајц ја поздравил улогата на земјава во регионалната соработка и вклученоста во европските иницијативи, нагласувајќи дека има важна улога како стабилен партнер во ЕУ. Тој притоа ја реафирмирал личната и институционалната посветеност на поддршката на земјава на европскиот пат.
Муртезани се заблагодарил за континуираната поддршка на Европскиот парламент и ја потенцирал подготвеноста на македонската влада за интензивирање на реформскиот процес и одржување на отворен и инклузивен дијалог во земјата, со цел градење поширока поддршка за реализација на полноправното членство во ЕУ.
За време на состанокот, двајцата ја реафирмирале заемната подготвеност за продолжување на комуникацијата и активностите кои ќе придонесат за понатамошен напредок во пристапниот процес.
За време на работата посета на Брисел, најавена е средба на Муртезани со претставници на Европскиот парламент, Европската комисија и Генералниот директорат за проширување и источно соседство.