„Важно е да се разбере колку брзо успеавме да постигнеме договор, што покажува дека разликите можеби не се толку големи како што можеби изгледале“, рече трговскиот претставник на САД, Џејмисон Грир, додавајќи дека кинеските претставници биле тешки преговарачи
Американскиот секретар за финансии Скот Бесент денеска соопшти дека е постигнат значаен напредок во разговорите на неговиот тим со кинескиот вицепремиер Хе Лифенг во Женева за намалување на тензиите во трговската војна меѓу двете најголеми економии во светот, јавуваат светските медиуми.

Бесент рече дека деталите ќе ги објави утре, а трговскиот претставник на САД, Џејмисон Грир, кој исто така е дел од преговорите, рече дека разликите меѓу двете страни не биле толку големи како што се сметало претходно.
„Со задоволство можам да известам дека постигнавме значителен напредок меѓу САД и Кина во многу важни трговски преговори“,
изјави Бесент пред новинарите.
Тој додаде дека го информирал претседателот Доналд Трамп за напредокот и дека брифинг за деталите ќе следи в понеделник.
Инаку денеска беше вториот ден од преговорите меѓу двете змеји за тоа како да се деескалира трговската војна што се заканува да предизвика голема штета на глобалната економија.
Грир го опиша заклучокот од состанокот како „договор што го постигнавме со нашите кинески партнери“ и што „ќе ни помогне да го намалиме глобалниот трговски дефицит на САД од 1,2 трилиони долари.
„Ова беа, како што истакна министерот, два многу конструктивни дена. Важно е да се разбере колку брзо успеавме да постигнеме договор, што покажува дека разликите можеби не се толку големи како што можеби изгледале“, рече Грир, додавајќи дека кинеските претставници биле тешки преговарачи.
Средбата беше прва директна интеракција меѓу Бесент, Грир и Хе откако двете најголеми економии воведоа меѓусебни царини од над 100 проценти.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера го поздрави големиот напредок постигнат за време на трговските разговори меѓу американските и кинеските лидери во Женева и рече дека е договорено враќање на првичниот став.
Денес имавме многу добар состанок со Кина во Швајцарија. Многу се дискутираше, многу беше договорено“, напиша Трамп на неговата социјална платформа Трут соушл (Truth Social).
„Преговорите за целосно ‘ресетирање’ беа постигнати на пријателски и конструктивен начин. Се надеваме, во корист и на Кина и на Соединетите Американски Држави, дека Кина ќе се отвори за американските компании. Остварен е голем напредок“,
напиша тој.
Разговори меѓу Кина и САД започнаа вчераутро во луксузна вила во Женева, со цел да се обиде да се изнајде решение за трговската војна меѓу двете земји.