Во бројки тоа би било од 55 000 до над 130 000 граѓани на нашата земја би западнале во сиромаштија, во зависност од тоа дали кризата ќе трае еден или два квартали
Симулациите на Светска банка предвидуваат дека како последица на пандемијата со ковид-19, стапката на сиромаштија во земјава ќе порасне на 20 до 23 проценти во споредба со лани кога изнесувала околу 17 отсто.
Или во бројки тоа би било од 55 000 до над 130 000 граѓани, во зависност од тоа дали кризата ќе трае еден или два квартали.
Ова се вели во белешките за влијанието на ковид-19 врз здравствените системи, сиромаштијата и добросостојбата на домаќинствата, образованието, социјалната заштита, пазарите на труд и управувањето со квалитетот на воздухот во земјите од Западен Балкан, кои се дополнение на неодамна објавениот Редовен економски извештај за земјите од Западен Балкан бр. 17 на Светска банка.
„Комбинираните ефекти на пониските приходи од работа и пониските дознаки како резултат на ковид-19 веројатно ќе ја зголемат сиромаштијата на нивото од пред 2017, па дури и од пред 2015 година, во зависност од времетраењето на кризата“,
се вели во документот.
Во извештајот „Влијанието од ковид-19 врз сиромаштијата и добросостојбата на домаќинствата во Западен Балкан“, се наведува дека пред пандемијата, сиромаштијата меѓу работниците во најпогодените сектори беше само 4 проценти, но оваа стапка се проценува да достигне околу 8 проценти во сценариото 1 и 15 проценти во сценариото 2.
„Влијанието на епидемијата веројатно ќе се разликува низ дистрибуцијата на приходите – приходите ќе паднат за околу 5 до 8 проценти кај оние во најнискиот квинтил и од 7 до 13 проценти или повеќе кај остатокот од населението. Исто така, повеќе од 75 проценти од оние што веројатно ќе паднат во сиромаштија сега не се покриени со ниедна програма за социјална заштита“,
се вели во белешките.
Покрај нашата држава, се даваат резултати по земји и за Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и во Косово. Симулациите покажуваат дека освен здравствените влијанија, значително би можела да се зголеми сиромаштијата и да се намали средната класа во сите земји.
Се препорачува властите да ги обезбедат основните услуги, сигурноста на снабдувањето со храна, на живеалиштето и основните социјални услуги за најранливите. Одговорите на политиките треба да ја заштитат живеачката и да го олеснат закрепнувањето за работниците во неформалниот како и во формалниот сектор.
