Најефикасни меѓу ракометарите во црвено-жолти дресови беа Филип Кузмановски и Мартин Серафимов со по пет гола, додека повратникот на голот на македонската репрезентација Мартин Томовски запиша 10 одбрани
Македонската машка ракоментна репрезентација избори пласман на Европското првенство што ќе се одржи догодина, откако вечерва, во последното, шесто коло од квалификациите на домашен терен ја совлада селекцијата на Литванија.

Пред околу 6 000 навивачи во Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје, македонските ракометари убедливо славеа над Литванија со резултат од 26:17.
Со оваа, клучна победа, Македонија го освои второто место во групата, кое носи пласман на континенталниот собир следната година.
Литванците го почнаа мечот со водство од 4:0, но по тајмаутот на селекторот Кирил Лазаров, нашите ракометари се вратија на теренот со постабилна игра, што резултираше првин со израмнување на резултатот на 8:8, а потоа и со водство од два гола, односно 10:8.
На полувреме, македонските ракометари заминаа со водство од 13:11.
Второто полувреме го почнавме подобро. Иако во вториот дел имаше и периоди без погодоци, сепак во самиот финиш македонските репрезентативци делуваа надмоќно и успеаја да стигнат до посакуваната победа со висока гол-разлика.
Најефикасни меѓу ракометарите во црвено-жолти дресови беа Филип Кузмановски и Мартин Серафимов со по пет гола, додека повратникот на голот на македонската репрезентација Мартин Томовски запиша 10 одбрани.