Меѓународниот тим кој ги обучуваше македонските лекари и медицински персонал за рехабилитација на пациенти со изгореници се состоеше од експерти од Гана, Египет, Бразил и Мексико, кои се дел од тимот на англиската Организација за ургентна медицина
Двајца физијатри, двајца хирурзи, како и физиотерапевти, инструментарки и медицински сестри од Клиничката болница во Штип и Општата болница во Кочани ја завршија шестнеделната обука за рехабилитација на пациенти со изгореници, спроведена од страна на англиската Организација за ургентна медицина.

Лекарите и медицинскиот персонал кои ја поминаа обуката се ангажирани за рехабилитација на повредените од пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани.
Во кочанската болница на рехабилитација од повредите здобиени во трагедијата се наоѓаат триесетина млади луѓе, а на уште педесет, дополнително, им се вршат редовни преврски.
Според ТВ Телма, на штипското Одделение за физикална терапија се рехабилитираат тројца пациенти, а од утре ќе пристигнат уште четири до пет пациенти.
Интернационалниот тим кој ги обучуваше македонските лекари и медицински персонал за рехабилитација на пациенти со изгореници се состоеше од експерти од Гана, Египет, Бразил и Мексико, кои се дел од тимот на англиската Организација за ургентна медицина.
Како што вели д-р Хуан, станува збор за тим кој е единствен и сертифициран на светско ниво за обезбедување тренинг за рехабилитација токму за вакви пациенти.
„Обезбедивме 20 сесии за едикација, како во Кочани, така и во Скопје, каде се одржаа тренингот и обуката и се надевам дека со завршување на курсот кој го овозможивме, колегите имаат стекнато клучни знаења и вештини, што ќе помогнат во третманот на овие пациенти“,
изјави д-р Хуан, пренесе ТВ Сител.

Никола Костадинов, физијатар на Одделението за физикална терапија при Клиничката болница – Штип, во изјава за МИА се заблагодари на меѓународниот тим за несебичната помош.
„Обуката беше интензивна и сакам искрено да се заблагодарам на докторот и неговиот тим за несебичното помагање во стекнување на знаење, искуство и вештини во областа на рехабилитација на изгорениците“,
рече Костадинов.
Тој додава дека по добиентите сертификати, обучените лекари и медицински персонал освен што се вклучени во рехабилитација на повредените во двете болници, ќе можат и тие да вршат обуки и да го пренесуваат знаењето на своите колеги.
Костадинов вели и дека тимовите можат да бидат ангажирани каде било во светот во случаи каде што има повредени со изгореници.