„Ако мисли дека со тоа што дел од раководството на ДУИ коешто е осомничено дека во минатото сторило кривични дела е задирање во правата на Албанците, не, тоа е задирање и борба со криминалците. Се надевам дека тој не се идентификува со нив. Ако се идентификува со нив, тогаш и тој треба да чека еден ден тие коишто се борат против овие криминалци да му тропне на врата и нему“, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски го советува лидерот на ДУИ, Али Ахмети, да престане да се идентификува со лица осомничени за криминал, ако не сака и еден ден борците против криминалот да тропнат и на неговата врата.
Прашан дали стравува од најавите на Ахмети за политички земјотрес кој ДУИ може да го предизвика поради низата забелешки за начинот на кој власта се однесува кон правата на Албанците, Мицкоски истакна дека времето кога криминалците од светот на политиката се затскривале зад националистички и романтичарски пароли за да крадат е минато.

„Ако мисли дека со тоа што дел од раководството на ДУИ коешто е осомничено дека во минатото сторило кривични дела е задирање во правата на Албанците, не, тоа е задирање и борба со криминалците. Се надевам дека тој не се идентификува со нив. Ако се идентификува со нив, тогаш и тој треба да чека еден ден тие коишто се борат против овие криминалци да му тропнат на врата и нему. Затоа, јас би го советувал да не се идентификува со луѓе за коишто постои основано сомневање дека сториле криминал“, е пораката која денеска од скопско Инџиково му ја упати Мицкоски на Ахмети.
Според премиерот, борбата против криминалот и корупцијата е неселективна и како аргумент го понуди фактот дека најголемиот дел од судиите и обвинителите се избрани во период кога тој и неговата партија биле во опозиција.
„Тоа се истите оние обвинители и судии коишто беа бирани од мнозинството од СДСМ и ДУИ. Тие денеска покренуваат обвиненија против високи поранешни функционери коишто доаѓаат од редовите на ДУИ. Знам дека има многумина од кои се заштитени овие обвинители, тоа ми е јасно. Дали доаѓаат подобри времиња? Доаѓаат. Дали има борба? Има. После многу јавни притисоци, пред сè од страна на јавноста, а потоа и од страна на владата, бидејќи мора тие за кои постои основано сомневање дека сториле криминал да имаат шанса пред судот да докажат дека не сториле криминал. И тоа го прави обвинителството и судот, а не владата. Владата само спроведува налог од страна на обвинителството и судството. Е сега, ако се идентификува политиката на ДУИ со овие лица за кои постои основано сомневање за сторен криминал, тогаш јас тука не можам да му помогнам“, рече Мицкоски.
Тој се пофали дека неговиот Кабинет за само една година сторил за Албанците повеќе отколку што Ахмети направил во изминатите дваесет години како владејачка партија, укажувајќи дури и за Коридорот 8, кој беше приоритет во програмата на ДУИ, тие неколкукратно го зголемиле интензитетот на градба.
Во однос на интервјуто на потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, во кое тој посочни дека чепкањето во јазикот ќе значи крај за Рамковниот договор, Мицкоски одби да даде одговор.
„Мислам дека нема потреба да го коментирам тој човек“,
рече премиерот.