Со изборот на Вашата Светост, вели г.г. Стефан во честитката, Католичката црква доби достоен наследник на блаженоупокоениот папа Франциск, кој, веруваме, ќе ги продолжи и надгради неговите дела и мисија
Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан упати честитка по повод изборот на новиот папа Лав Четиринаесетти.

„Ни претставува чест да Ви се обратиме по повод Вашиот избор за Поглавар на Католичката Црква. Дозволете Ни во овој историски момент за Вас, од името на сета полнота на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, да Ви го честитаме изборот за 267-ми папа на римската столица“,
се наведува во честитката, пренесе МИА.
Со изборот на Вашата Светост, додава г.г. Стефан, Католичката црква доби достоен наследник на блаженоупокоениот папа Франциск, кој, веруваме, ќе ги продолжи и надгради неговите дела и мисија.
„Триединиот Бог нека Ве дарува со боговдахновена, смирена, плодородна и долговечна служба, пројавена преку Вашата молитвена грижа и ревност за Неговиот народ и Неговиот Дом“,
се вели во честитката на поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан до папата Лав Четиринаесетти.
Папата Лав Чатиринаесети, чие световно име е Роберт Френсис Превост, беше избран на 8 мај, на вториот ден од конклавата во Ватикан и е првиот поглавар на Римокатоличката црква роден во Соединетите Американски Држави (САД).