Според претседателот на СДСМ, речиси едногодишниот мандат на кабинетот на Мицкоски произвел драстичен пад на животниот стандард, раст на цените и неконтролирани поскапувања благодарејќи на лошите економски политики и лошото менаџирање со институциите
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, смета дека владата на ВМРО-ДПМНЕ катастрофално лошо менаџира со економијата и со институциите и покажува негрижа за животниот стандард на граѓаните. Според него, доказ за погрешните економски политики се падот на индустриското производство, падот на извозот, сериозниот пад на стандардот на граѓаните, како и цени коишто не се контролираат во маркетите.
„Реалноста со која се соочуваат македонските граѓани е далеку од сликата што Владата се обидува да ја прикаже. Има страшна една серија на елементи за коишто Владата не реагира, а тоа ѝ е обврска. Раст на цената на струјата од 20 до 30%, парното 5% – брзо ќе помине летото и за час ќе се соочиме со многу силен притисок. Граѓаните го чувствуваат тоа, не може крај со крај да врзат. Сега повторно има серија на поскапувања и Владата повторно ништо не прави“,
рече Филипче во поткастот „Политиканти“.
Од друга страна, како што кажа Филипче, на вакви високи трошоци за живот и ценовни шокови Владата не покажа слух за реално зголемување на платите на работниците.
„Нема слух за барањето на синдикатите за зголемување на платите, ниту на минималната ниту на просечната плата. И зошто велам лошо менаџирање со институциите – премиерот и Владата велат нека се договорат работниците и работодавачите сами за платата, епа тогаш зошто е Владата?“,
рече Филипче.
Тој посочи дека владите на СДСМ и во најголемите кризи – во ковид-пандемијата и енергетската криза, секој граѓанин беше помогнат, а стандардот заштитен.
„Ние во изминатите седум години направивме многу за различни социјални категории, за работниците. Ги зголемивме платите, водевме сметка за просечната, за минималната плата кои растеа и во најтешките времиња. Се субвенционираа работните места и компаниите и во најтешките кризи. Над 80 илјади работни места се зачуваа благодарение на нашите мерки. Енергетската криза се изменаџира без никој тоа да го почувствува. На луѓето сметките за струја не им се зголемија кога цената на гасот беше неколкукратно поголема“,
рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Паралелно со критиките за економските политики, Филипче се осврна и на трагедијата во Кочани, обвинувајќи за селективна истрага и недостаток на одговорност кај институциите. Тој истакна дека СДСМ поднесе предлог-закон за финансиски надомест за семејствата на настраданите и повредените, како и за поволности во образованието за децата кои се погодени од трагедијата. Филипче најави дека лично ќе разговара со пратениците од сите партии за поддршка на овој закон, нагласувајќи дека прашањето не смее да се политизира и дека целта е вистинска системска промена.
„Очигледно е дека сите партии коишто ја воделе државата во изминатите повеќе од три децении, а тоа се сите политички партии коишто досега, на еден или на друг начин, биле активни во политичкиот простор, партиципирале во било која влада во изминатиот период имаат одговорност за тоа што се случило. И оттаму, нашиот став и пристап дека во ниту еден момент нема да ја политизираме трагедијата“,
истакна Филипче.