Според него, одлуката во СПЦ била донесена едногласно, во полнотата на Соборот, водејќи се од црковните закони, но и од земјите интереси, исклучиво за спасението на луѓето што живеат на територијата на Северна Македонија
Одлуката за признавање на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) од страна на Српската православна црква (СПЦ) беше најспасоносната и најдобра и за нив и за сите нас. Ова го изјави спрксиот патријарх Порфириј, во интервју за рускиот теолошки портал „Богослов.ру“, дадено за време на неговата неодамнешна посета на Русија, во кое тој се осврнува на надминатите недоразбирања и со признавањето на МПЦ-ОА.

Според него, одлуката во СПЦ била донесена едногласно, во полнотата на Соборот, водејќи се од црковните закони, но и од земјите интереси, исклучиво за спасението на луѓето што живеат на територијата на Северна Македонија.
„Многумина тоа не можат да го разберат. Некои велат дека сме ги предале интересите на српската црква, дека сме ги предале српските земји. Но, историски гледано дури и согласно каноните, црковните територии, епархиите на просторот на денешна С Македонија, припаѓале на јурисдикцијата на нашата црква само од 1920 до 1966/67 година. Во сите други периоди, дури и во времето на Свети Сава тие тееритории не и припаѓале на СПЦ. Во таа смисла, не направиме нешто што е спротивно на интересите на СПЦ. Но, друго нешто е што во политичка смисла, тие територии некогаш им припаѓале на владатели на српските држави. Но, како црковни луѓе никогаш не смееме да ги мешаме политичките параметри и контеексти со црковните контексти. За црквата е суштински важна грижата за спасението на конкретниот човек“,
рече тој.
Говорејќи за поделбите и недоразбирањата во православната црква, посочи дека такви искушенија отсекогаш постоеле низ историјата.
Се надева дека кризата во која православната црква се наоѓа на крајот ќе биде причина за триумф на единството, на љубовта и на меѓусебното разбирање.
Патријархот на Српската православна црква Порфириј во јуни 2022 година во Соборниот храм во Белград му го врачи томосот на архиепископот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан за признавање на автокефалноста на Охридска архиепископија.
Претходно, на 24 мај истата година, на заедничка литургија во Соборниот храм во Скопје, српскиот патријарх Порфириј објави дека СПЦ ја признава автокефалноста на МПЦ-ОА.
Потоа, во седиштето на Вселенската патријаршија во Истанбул имаше историско сослужување на вселенскиот патријарх Вартоломеј и архиепископот Стефан откако Фанар на 9 мај одлучи да ја признае црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет.