По нешто повеќе од две години од загинувањето на двајцата македонски планинари на Кајмакчалан, обвинителството донесе решение за отфрлање на кривичната пријава за предмет оформен по допрен глас.
Предметот беше оформен во врска со настанот случен на 10.2.2018 година на планината Ниџе, при искачување на врвот Кајмакчалан во Република Грција, при што починаа двајца македонски планинари, а се однесуваше за несовесно работење по член 353 став 4 во врска со став 2 и со став 1, како и тешки дела против општата сигурност од член 292 став 2 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик.
„Обвинителството спроведе претходна постапка во која презеде голем број истражни дејствија – беа направени проверки и обезбедени писмени докази преку Министерството за внатрешни работи, по дипломатски пат од Република Грција беа прибавени обдукционите протоколи за двајцата починати планинари, како и придружната документација која се однесува на настанот, а е изготвена од надлежни органи на Република Грција“,
соопштуваат од обвинителството.
Според нивниот извештај, од мобилните оператори биле обезбедени листинзи за мобилни телефони на двајцата починати планинари и било изготвено вештачење на пронајдениот телефон на едниот планинар.
Во однос на мобилниот телефон на другиот планинар, дополнително било побарано и обезбедено известување од мобилниот оператор за локацијата на тој телефон, но одговорот бил негативен и тој телефон не е пронајден.
Обезбедени биле и писмени докази од Федерацијата на планинарски спортови и од Друштвото за планинарски спортови „Трансверзалец“, како и друга писмена документација. Во обвинителството, во текот на претходната постапка, беа испитани претставник од Федерацијата на планинарски спортови, претставник на Друштвото за планинарски спортови „Трансверзалец“, претставник на Дирекцијата за заштита и спасување, повеќе сведоци – учесници на планинарската тура, законските застапници на починатите планинари, како и сведоци предложени од законските застапници. Во својство на осомничен, беше испитан и претседателот на Друштвото за планинарски спортови „Трансверзалец“, кој воедно бил и еден од водичите на турата.
„Од сите направени проверки во текот на претходната постапка, произлезе дека не постои основано сомнение дека лицето на кое обвинителството во текот на постапката му даде својство на осомничено лице направило какви било пропусти кои укажуваат на сторено кривично дело кое се гони по службена должност, односно беше утврдено дека од негова страна не се направени прекршувања на законски или подзаконски акти при организација и спроведување на планинарската тура и од кривично-правен аспект не може да се утврди дека смртта на планинарите е резултат на каков било негов пропуст“,
велат од обвинителството.
Тие додаваат дека не се утврдило дека некое друго лице направило пропуст за да дојде до смртен исход кај двајцата планинари, туку тие на критичниот ден ги загубиле животите како резултат на несреќен случај на двајца искусни планинари.
„Обвинителството утврди дека двајцата планинари на критичниот ден самоиницијативно се оддалечиле од групата и додека сите други учесници на турата почнале да се враќаат кон ски-центарот Ворас, тие започнале повторно да се искачуваат кон црквата на врвот на планината. Дел од групата планинари останале да ги почекаат да се вратат, па откако не се вратиле, околу 12 часот по локално грчко време, тргнале по нив за да ги бараат. Притоа ги довикувале, ги барале на мобилните телефони и по радиоврска која била кај еден од сега починатите, но не успеале да ги најдат, ниту да остварат контакт со нив“,
велат од обвинителството.
Со оглед на тоа што не ги пронашле, другите планинари се симнале во ски-центарот да проверат дали евентуално двајцата планинари се вратиле таму, но откако констатирале дека не се таму, веднаш пријавиле на одговорното лице во ски-центарот. Потоа била известена Специјалната единица за справување со катастрофи од Солун, Противпожарната служба од Едеса и Аридеа, службите за брза помош и полицијата.
Околу 13:30 часот по локално време започнува акцијата за пронаоѓање на двајцата планинари со два ратраци и друга опрема. Ратраците ги управуваат грчки спасувачи, а на едниот ратрак е водичот на групата, додека на другиот е друг македонски планинар. Во акцијата, околу 15:30 часот по локално грчко време се вклучиле и екипи од противпожарната служба и од специјалната единица за справување со катастрофи.
Двајцата планинари постојано биле барани на мобилните телефони и по радиоврска, па кога добиле повратна информација дека еден од планинарите по кој се трагало станал достапен на мобилниот телефон, продолжиле да ги бараат на тој телефон. По извесно време воспоставиле врска со едниот планинар кој почнал да објаснува каде се наоѓаат, но не можел точно да објасни, па на истиот телефон се јавил и другиот планинар за да ја објасни нивната локација.
„Нему му било кажано да свртат на бројот 112 и да вклучат ГПРС на мобилниот телефон. На тој начин биле лоцирани и спасувачките екипи започнале да им се приближуваат, но теренот бил непристапен, а временските услови биле лоши и доколку се продолжило со акцијата ќе биле доведени во опасност животите на спасувачите“,
се вели во соопштението на обвинителството.
Според наводите во писмената документација доставена од Република Грција, постоела и опасност од снежна лавина на теренот, па при вакви услови во 22 часот по локално време било одлучено од безбедносни причини акцијата да се одложи за следниот ден на дневна светлина. Утредента акцијата продолжила, при што биле извлечени телата на двајцата планинари кои починале од премрзнување.
