Оваа година Кина и ЕУ планираат серија дијалози на високо ниво, за стратегија, економија и трговија, зелена транзиција и дигитализација – објави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џиан на прес-конференција
Кинескиот претседател Си Ѓинпинг изјави дека Кина е подготвена да соработува со Европската Унија за проширување на меѓусебната отвореност и конструктивно решавање на разликите, објави државната новинска агенција Синхуа.

Изјавата доаѓа на 50-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Кина и ЕУ, додека двете страни се обидуваат да ги поправат врските затегнати поради глобалната неизвесност и високите царини наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп.
Си не ги спомена директно САД, но Пекинг силно притиска за продлабочување на политичките и економските врски со Европа за да го ублажи ударот од американските царини што го погодија поголемиот дел од кинескиот извоз.
„Здравите и стабилни односи меѓу Кина и ЕУ не само што придонесуваат за заеднички напредок туку и носат светлина за остатокот од светот“,
рече Си.
Тој ја повика Европската Унија да ѝ се придружи на Кина во „заштитата на праведноста и правдата“ и спротивставувањето на „едностраното насилство“, објави Синхуа додавајќи дека кинескиот лидер ги опишал односите со ЕУ како едни од највлијателните во светот.
Оваа година Кина и ЕУ планираат серија дијалози на високо ниво, за стратегија, економија и трговија, зелена транзиција и дигитализација – објави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џиан на прес-конференција.
Кина ги укинува санкциите за ЕУ
Министерството, исто така, потврди дека Кина и Европскиот парламент одлучиле да ги продолжат меѓусебните посети и контакти.
Минатата недела ЕУ објави дека Кина ќе ги укине санкциите против членовите на Европскиот парламент и неговиот поткомитет за човекови права. Санкциите беа воведени во 2021 година откако Западот воведе мерки против кинеските функционери обвинети за масовни апсења на муслимански Ујгури во регионот Синџијанг.
„Под сегашните околности, обете страни веруваат дека е исклучително важно Кина и Европа да го зајакнат дијалогот и соработката“,
изјави Лин пред новинарите.
Тој изрази уверување дека обновените разговори ќе внесат нов импулс во развојот на односите меѓу Кина и ЕУ.