„На католиците им се допадна. Но, навистина немам поим од каде излезе оваа фотографија. Некој ја направи сликата на која сум облечен како папа и ја објави на интернет. Веројатно е вештачка интелигенција“, вели американскиот претседател
Безопасна шега, ја нарече американскиот претседател Доналд Трамп фотографијата објавена на социјалните мрежи, а на која тој е претставен како папа, пренесува Ројтерс.
Но, бизарната објава на фотографијата на социјалните мрежи предизвика бурни реакции и различни коментари.
Експертите посочија дека не ја гледаат смешната страна на фотографијата, а еден американски бискуп побара јавно извинување од Трамп поради оваа објава.

Сепак, тој за време на рутинскиот брифинг за медиумите во Овалната соба, ја отфрли загриженоста дека фотографија, генерирана од вештачка интелигенција, а на која е претставен како папа, е навредлива за католиците.
Трамп одговори дека објавената фотографија нема никаква врска со него, но и оти е убеден дека им се допаднала на оние за кои е наменета.
„На католиците им се допадна. Но, навистина немам поим од каде излезе оваа фотографија. Некој ја направи сликата на која сум облечен како папа и ја објави на интернет. Веројатно е вештачка интелигенција“,
рече тој.
— The White House (@WhiteHouse) May 3, 2025
Фотографијата Трамп прво ја сподели на својата социјална мрежа Трут соушл, а потоа е објавена и на официјалниот профил на Белата куќа на платформата Икс.
Поранешниот италијански премиер Матео Ренци посочи дека фотографијата ги навредува верниците, ги навредува институциите и покажува оти лидерот на глобалната десница ужива да биде кловн.
И неколку католички водачи и најмалку една католичка група го критикуваа Трамп поради објавата на оваа фотографија, иако таа е генерирана од вештачка интелигенција.
Сметаат дека со тоа Трамп ги исмејува Бог, Католичката црква и папството.
Инаку, Трамп присуствуваше на погребната церемонија на папата Франциск во Ватикан.