Конечниот резултат од романските претседателски избори, кој треба да биде познат на 18 мај, за кога е закажан вториот круг, со нетрпение и доза на нервоза се очекува како во европските престолнини така и во Вашингтон, Киев и Москва
Крајнодесничарскиот популист и евроскептик Џорџе Симнион извојува убедлива победа во првиот круг од повторените претседателски избори во Романија, јавуваат светските медиуми.

Според пребројаните гласови во околу 98 од избирачките места, Симион има освоено околу 41 отсто од гласовите и влегува како фаворит во вториот круг од изборите што ќе се одржат за две недели на 18 мај.
Противкандидат ќе му биле либералниот градоначалник на Букурешт, Никусор Дан, кој со тесен резултат и освоени нешто помалку од 21 отсто од гласовите излезе пред кандидатот на владејачката коалиција, Крин Антонеску.
Претседателските избори во Романија првично се одржаа пред шест месеци, но беа поништени поради обвинувања за измама во кампањата и руско мешање. Победник тогаш беше десниот популист и отворен поддржувач на Русија, Калин Георгеску, кому по скандалот и конфузијата што настана му беше забрането учество во претседателската трка, потсетува Би-би-си.
Актуелниот лидер во изборната трка, Симион, по затворањето на гласачките места вчера вечер им се заблагодари на оние што гласале за него наведувајќи дека тоа било чин на храброст, доверба и солидарност.
„Овие избори не се за еден или друг кандидат, туку за секој Романец кој бил излажан, игнориран, понижен, а сепак има сила да верува и да го брани нашиот идентитет и права“,
објави Симион на платформата Икс во петокот.
Симион е поддржувач и обожавател на американскиот претседател Доналд Трамп, кој верува во неговото движење – „Да ја направиме Америка повторно голема“ (MAGA – Make America Great Again).
Тој за британскиот национален дифузер Би-би-си изјавил дека верува во силна НАТО-алијанса и е за задржување на базите на Алијансата и на американските трупи во Романија доколку стане претседател на земјата.
Се смета дека голем дел од гласачите што го поддржаа Георгеску на поништените избори на почетокот на декември минатата година сега гласале за Симион.
Според Би-би-си, Симион би можел да ги привлече и гласачите на поранешниот романски премиер и екссоцијалдемократ Виктор Понат, кој ја усвои кампањата „Романија на прво место“.
Во февруари годинава потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс, остро ја критикуваше Романија за поништувањето на изборите, со што го шокираше романскиот политички естаблишмент кој во голема мера се потпира на својот посебен однос со САД.
Инаку, конечниот резултат од романските претседателски избори со нетрпение и доза на нервоза се очекува како во европските престолнини така и во Вашингтон, Киев и Москва.
Романија е важна транзитна рута за оружјето и муницијата со кои Украина се снабдува од Запад, а земјата, исто така, има американски штит за противракетна одбрана во Девеселу и три големи воздухопловни бази, од кои авионите на НАТО го мониторираат подрачјето до границата со Украина и Молдавија, како и она над Црното Море.
Дополнително, Украина преку романските територијални води извезува 70 проценти од своето жито по брегот на Црното Море кон Истанбул.
Инаку, 38-годишниот Симион е против воената помош за Украина и е мошне критички настроен кон раководството на Европската Унија (ЕУ), што, доколку победи на изборите, ќе го стави во редот на евроскептичните лидери на ЕУ, покрај премиерите на Унгарија и Словачка, Виктор Урбан и Роберт Фицо, наведува ХРТ.
„Заборавете на каква било дополнителна помош за Украина ако Симион стане претседател“,
вели експертот за безбедност при Центарот за нови стратегии во Букурешт, пренесува Би-би-си.
Како шеф на Советот за национална безбедност, претседателот на Романија може да стави вето на која било одлука на парламентот и има силно влијание врз безбедносната политика на земјата.
Сепак, во интервју за Би-би-си, Симион јасно стави до знаење дека според него Русија е најголемата опасност за Романија, Полска и балтичките држави, како и дека проблемот со војната во Украина е што не води никаде.
Тој рече оти се надева дека мировните разговори иницирани од администрацијата на Трамп ќе резултираат со прекин на огнот и мировни преговори.