Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска беше примен на Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград откако претходно ненадејно му се слошило за време на посетата на САД
Српскиот претседател Вучиќ е во стабилна и задоволителна состојба, рече началникот на Управата за воено здравство, кардиологот д-р Драган Динчиќ, надополнувајќи дека тој набрзо по приемот ќе ја напушти болницата и оти е препорачливо да одмори, односно да не се врати на редовните активности во следните неколку дена. Зборувајќи за причините поради кои Вучиќ се вратил од САД и здравствените тегоби што ги почувствувал, д-р Динкиќ вели дека тој имал силна градна болка која траела неколку секунди што, пак, не се усогласува со сведоштвата на другите присутни кои биле во истата просторија со него.
„Испил дополнителна терапија и по 45 минути, кога го измерил крвниот притисок, тој бил 165 со 98, што значи дека пред терапијата притисокот бил повисок. Лекарите од Америка направиле сè и тој решил да се врати во земјата и покрај противењето на лекарите“,
кажа Динчиќ.
Тој рече и дека во последните десет години, откако тој го лекува претседателот, Вучиќ во три наврати имал тегоби поради висок притисок, но никогаш како последнава епизода.
Во моментот кога му се влошила здравствената состојба, Вучиќ се подготвувал за следните средби во САД, пишува Радио-телевизија Србија (РТС).
Регионалниот сервис на Радио Слободна Европа претходно извести дека пред заминувањето за САД, Вучиќ изјавил дека за време на посетата ќе има две средби со американскиот претседател Доналд Трамп.
Специјалниот пратеник на американскиот претседател, Ричард Гренел, му посака на српскиот претседател сè најдобро и изрази надеж дека сè е во ред.
„Сè најдобро. Жал ми е што не те видов, но се надевам дека сè е во ред“,
напиша Гренел на Икс.
Според претходните најави, по посетата на САД, Вучиќ треба да отпатува во Москва за да го одбележи Денот на победата над фашизмот на 9 мај.