Повлекувањето на Вашингтон од директно посредништво доаѓа по претходните предупредувања на САД дека ќе се повлече од преговорите доколку нивниот мировен предлог биде отфрлен и од Украина и од Русија
САД веќе нема да посредуваат во мировните преговори меѓу Украина и Русија, објави денеска американскиот Стејт департмент.

Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, на средбата со новинарите изјави дека САД ја менуваат методологијата за тоа како придонесуваат во разговорите и веќе нема да летаат околу светот при првиот повик за средби.
Киев и Москва сега мора да излезат со конкретни предлози за завршување на војната и да се состанат директно за решавање на конфликтот, додаде Брус.
Watch the Department Press Briefing with @StateDeptSpox Tammy Bruce, from the Press Briefing Room of the State Department. https://t.co/luvinm3SvW https://t.co/l27ZDz39Hf
— Department of State (@StateDept) May 1, 2025
„Ќе продолжиме да помагаме, но веќе нема да летаме околу светот како посредници на состаноци. Сега сè е на двете страни. Дојде време тие да презентираат и развијат конкретни идеи за тоа како да се заврши овој конфликт. Од нив ќе зависи“,
изјави таа за новинарите.
Брус притоа посочи дека Трамп знае оти постои друг дел од светот, „цела планета на која ѝ е потребно одредено внимание“.
Повлекувањето на Вашингтон од директно посредништво доаѓа по претходните предупредувања на САД дека ќе се повлече од преговорите доколку нивниот мировен предлог биде отфрлен и од Украина и од Русија.
Државниот секретар Марко Рубио и Доналд Трамп претходно предупредија дека САД ќе се повлечат од напорите за медијација доколку не се постигне значителен напредок.
„Секретарот, исто така, јасно стави до знаење дека, иако нашиот стил ќе се промени, методологијата на нашиот придонес ќе се промени во смисла дека веќе нема да бидеме посредници“,
потсети Брус.
Подоцна, Трамп на неговата социјална мрежа Трут соушл се закани дека ќе се повлече од преговорите.
„Ако една од двете страни ги отежни работите премногу, ние едноставно ќе кажеме: Вие сте будали, вие сте глупави, вие сте ужасни луѓе и ние едноставно ќе се повлечеме“,
напиша тој.

Одлуката на Стејт департментот доаѓа еден ден откако САД и Украина потпишаа сеопфатен економски договор за воспоставување инвестициски фонд за обнова на Украина. Володимир Зеленски го нарече овој договор „историски“, а Вашингтон вети дека ќе продолжи да го поддржува Киев во одбрана од руската инвазија. За возврат, Украина ќе им обезбеди на САД пристап до вредни природни ресурси.
САД првично предложија 30-дневен договор за прекин на огнот, кој Киев го прифати. Меѓутоа, Москва не само што го отфрли тој предлог за примирје и другите планови за ставање крај на крвавата војна, туку руските сили дополнително ги засилија нападите во Украина.
Стејт департментот во вторникот изјави дека ќе се повлече од улогата на медијатор доколку не види конкретни предлози од Москва и Киев за ставање крај на конфликтот.