Со растојание меѓу масите од 1,5-2 метри, келнери со маски на устата и носот додека послужуваат и по неколку гости кои нарачале пијалоци и храна, рестораните на кејот во центарот на Скопје попладнево го имаа првиот работен ден откако беа затворени пред речиси два и пол месеци.

Работат само терасите, а ниту една од нив не беше пополнета со гости, барем во периодот кога нашата екипа помина низ центарот на главниот град.

На масите седеа по двајца гости, а само на неколку имаше по тројца или четворица.
Отворањето на рестораните е дел од попуштањето на рестриктивните мерки кои ги предлага Комисијата за заразни болести, а одлучува Владата.

Работното време им е ограничено од 8 до 22 часот.
Според протоколот за работа, вработените задолжително мора да носат заштитни маски и смеат да се послужуваат само гостите кои седат на маса. Растојанието од столче до столче со соседните маси во сите правци треба да е од 1,5 до 2 метра.

На една маса смеат да седат две лица односно четири ако станува збор за исто семејство.
Детали за протоколот можете да прочитате ТУКА.
Рестораните беа затворени на 14 март и можеа да работат само со достава на храна.
Фотографиите се направени денеска околу 14 часот.
