Министерот за одбрана на Пакистан, Хаваџа Мухамед Асиф, претходно изјави дека индиската воена инвазија е неизбежна
Пакистанскиот министер за информации Атаула Тарар изјави дека неговата земја има веродостојни разузнавачки информации дека Индија има намера да започне воен напад во следните 24 до 36 часа.

Овој потег доаѓа во време на зголемени тензии меѓу двете нуклеарно вооружени земји. Индија тврди дека пакистански елементи биле вклучени во нападот во кој минатата недела загинаа 26 мажи во туристичко одморалиште во индискиот Кашмир. Исламабад негираше каква било улога и повика на неутрална истрага.
По нападот, двете земји презедоа низа мерки една против друга, при што Индија го стави во мирување клучниот Договор за водите на Инд, а Пакистан го затвори својот воздушен простор за индиските авиокомпании.
„Пакистан има веродостојни разузнавачки информации дека Индија има намера да започне воен напад во следните 24 до 36 часа, користејќи го инцидентот со Пахалгам како лажен изговор. Секој чин на агресија ќе биде пресретнат со решителен одговор. Индија ќе биде целосно одговорна за какви било сериозни последици во регионот“,
напиша Тарар во објава на социјалната мрежа Икс.
Индија сè уште нема коментар
Министерството за надворешни работи на Индија не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар. Индискиот премиер Нарендра Моди вети дека ќе ги гони и ќе ги казни напаѓачите.
И Индија, со хиндуистичко мнозинство, и исламски Пакистан, полагаат право на целиот Кашмир, регион со муслиманско мнозинство. Но, обете земји контролираат само дел од Кашмир и водеа војни за хималајскиот регион.
Министерот за одбрана на Пакистан, Хаваџа Мухамед Асиф, претходно изјави дека индиската воена инвазија е неизбежна.
„Пакистан е во состојба на висока готовност, но ќе го употреби своето нуклеарно оружје само ако „постои директна закана за нашето постоење“,
нагласи Асиф.