Според партијата, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски бил принуден да го признае скандалот со братот на Стефковски откако го објавиле видеото од радарската контрола, на која се гледа како братот на градоначалникот на Општина Гази Баба, Борче Стефковски, вози со преголема брзина, а притоа полицијата, иако го регистрирала и сопрела, сепак, не го казнила
Додека во јавноста сè уште се коментира случајот со братот на градоначалникот на Oпштина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој не е казнет поради возење над дозволената брзина, а санкцијата е изречена на друго лице што нема врска со настанот, од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска прашуваат кој ќе сноси политичка одговорност за целиот случај.

„Дали лично градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, се јавувал во Министерството за внатрешни работи (МВР) за да изврши притисок за ослободување на неговиот брат“,
прашуваат од опозицијата.
Оттаму велат дека министерот за внатрешни работи Панче Тошковски бил принуден да го признае скандалот со братот на Стефковски откако од партијата го објавија видеото од радарската контрола, на која се гледа како братот на градоначалникот на Општина Гази Баба, Борче Стефковски, вози со преголема брзина, а притоа полицијата, иако го регистрирала и сопрела, сепак, не го казнила.
„Граѓаните не се наивни и знаат дека ако ова не го објавеше СДСМ, ќе се криеше и понатаму и никој немаше да биде санкциониран“,
посочуваат од партијата.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчера најави кривична одговорност за полицискиот службеник поради кого братот на градоначалникот на Општина Гази Баба не бил казнет поради возење над дозволената брзина, а санкцијата му била изречена на лице кое немало врска со настанот.
Според министерот, фактичката состојба што била утврдена од МВР во случајов е многу пострашна од она што било објавено од СДСМ.
Полицискиот службеник, како што рече Тошковски, направил две повреди на оперативните процедури и на законот, од кои едната ја оцени како поголема од другата.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, вчера на прес-конференција објави видеоснимка за која рече дека е од полициски радар, а на која се гледа како братот на градоначалникот на Општина Гази Баба, Борче Стефковски, вози со преголема брзина, а притоа полицијата, иако го регистрирала и го сопрела, сепак, не го казнила.
Настанот, како што наведе таа, се случил на 20 април годинава во 18:31 часот на булеварот „Александар Македонски“ во Скопје, каде што полицијата со радар регистрирала возило кое се движи далеку од дозволената брзина за тој потег.
Според информациите до кои дошла партијата, за само една минута откако е застанато возилото, началник на МВР, кој според нивните информации не ни бил во земјава, им се јавил на полицајците и им дал наредба братот на градоначалникот да не биде казнет.
Бидејќи прекршокот веќе бил евидентиран, наредено им е казната да ја запишат на друго лице.