Карни најави дека во наредните денови ќе има средба со американскиот претседател Доналд Трамп, на која, како што рече, ќе разговараат за иднината на односите на двете суверени и независни нации
Тарифите на американскиот претседател Доналд Трамп и неговите закани кон Канада дека ќе биде 51. држава на САД беа во фокусот на победничкиот говор на канадскиот премиер и лидер Либералната партија, Марк Карни, по триумфот на вчерашните парламентарни избори во земјата.

Говорејќи пред своите поддржувачи во Онтарио, лидерот на либералите рече дека Трамп се обидува да ја скрши Канада за да може да ја поседува, но, како што порача, тој никогаш нема да дозволи да се случи тоа.
„Америка ја сака нашата земја, нашите ресурси, нашата вода. Ова не се празни закани. Трамп се обидува да нè скрши за Америка да може да нè поседува. Тоа никогаш нема да се случи“,
рече Карни, пренесе „Гардијан“.
Тој, во истиот контекст, рече и дека стариот однос на интеграција со САД сега е завршен и оти Канада го надминала шокот од, како што го нарече, американското предавство“.
Карни најави дека во наредните денови ќе има средба со американскиот претседател, Доналд Трамп, на која, рече, ќе разговараат за иднината на односите на двете суверени и независни нации.
Тој вети и дека ќе работи на зајакнување на партнерствата со земјите во Европа и на други места.
„Ако САД повеќе не сакаат да бидат на чело на светското лидерство, Канада ќе биде“,
рече тој пред поддржувачите, пренесе Би-би-си.
Осврнувајќи се на своето политичко кредо, Карни рече дека избрал да влезе во политиката затоа што сметал дека на Канада ѝ се потребни големи промени водени од силни канадски вредности – скромност, амбиција и единство.
Во таа насока, порача дека ќе направи сѐ што може за да ги одржи тие вредности, почнувајќи со скромноста. Рече дека има многу причини да биде скромен бидејќи, како што кажа, во минатото направил многу грешки, кои ќе ги исправи и ќе учи од нив.
Вети дека ќе соработува со сите Канаѓани за да ја унапреди земјата и да ја заштити земјата.

Според пишувањата на канадскиот весник „Глоуб енд меил“, се очекува лидерот на либералите да именува нов кабинет во рок од две недели и да го извести парламентот на земјата.
Функционер на партијата, кој инсистирал на анонимност, за весникот рекол дека новата канадска влада ќе се фокусира на исполнување на ветувањата за намалување на даноците за средната класа и ќе се вклучи во новите трговски и безбедносни преговори со непријателски настроената администрација на американскиот претседател, Доналд Трамп.
„Глоуб“, исто така, наведува и дека кабинетот на Карни ќе брои помалку од 30 луѓе, за разлика од оној на неговиот претходник Џастин Трудо, кој имаше 37 министри.
Резултатите покажуваат дека Либералната партија е победник на изборите што вчера се одржаа во Канада, но засега е прерано да се каже дали ќе има доволен број пратеници за самостојно да формира влада бидејќи дел од гласовите сè уште се пребројуваат.
Либералите, кои се на власт во Канада во последните девет години, победија или водат во 133 изборни единици, додека конзервативците победија во 93.
Парламентот на Канада има 343 места, а доколку Карни освои само релативно мнозинство, ќе мора да преговара со помалите партии.
Од друга страна, резултатите од изборите се тежок пораз за лидерот на конзервативците Пјер Поилиевр, кој ја фокусираше својата кампања на домашната политика и ветувањето да ја поправи земјата, која, според него, е корумпирана од либералите.